Максим Горки

Песна за буpевecникот


Напишано: 1901
Извор: Максим Горки, „Старицата Изергил“, „Мисла“, Скопје, 1967, 5-6 стр.
Препев: Ване Стаменов, Танас Николовски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2026



Над сребрестата рамнина од морето ветерот ги собира облаците. Помеѓу облаците и морето, сличен на црна веда, гордо лета Буревесникот.

Тој, ту со крилото допирајќи се до брановите, ту како стрела устремувајќи се на кај облаците, кликти и — облаците радост слушаат во смелиот крик на птицата.

Во тој крик има — жед за бура! Сила на гнев, пламен на страст и увереност во победата слушаат облаците во тој крик.

Галебите офкаат пред бурата — офкаат, се превртуваат над морето и готови се дури и на дното од морето да го скријат својот ужас пред бурата.

И гагарите-нуркачи исто така офкаат — ним, на гагарите, не им е достапна насладата од борбата во животот: грмежите од ударите ги плашат.

Глупавиот пингвин плашливо го крие своето дебело тело во карпите.

Само гордиот Буревесник смело лета над обеленото од пена море!

Сѐ потемно е и сѐ пониско се спуштаат над морето облаците, и пеат, и поривно се дигаат брановите накај височината, во пресрет на громот.

Громот татне. Во пената на гневот, карајќи се со ветерот, јачат брановите. Ете, ветерот силно пpeгpнyвaјќи ги, ги подзема брановите и со дива злоба, со размав, ги фрла врз карпите, разбиаjќи ги во прав и парчиња смарагдните грамади.

Буревесникот лета крикајќи, сличен на црна веда, тој како стрела ги пронижува облаците, пената од брановите со крилото ја развалува.

Ете, тој се издига, како демон — горд, црн демон на бурата и се смее и плаче . . . Тој на облаците им се смее, тој од радост плаче!

Во гневот на громот — осетливиот демон — тој одамна умора слуша, тој уверен е дека облаците ќе го скријат сонцето — не, нема да го скријат!

Ветерот вие . . . татне громот . . .

Со син пламен горат купишта од облаците над бездната од морето. Морето ги лови стрелите од ведите и ги гасне врз својата ширина. Токмy како огнени змии се виткаат во морето, губејќи се, одразите на тие веди.

Бура! Скоро ќe грмне бурата!

Смелиот Буровесник гордо лета меѓу ведите над морето што гневно реве; ете тоа вика пророкот на победата:

— Посилно нека загрми бурата! . . .