Marxists Internet Archive: македонски



Цитати од

Карл Маркс и Фридрих Енгелс



Ако конструирањето на иднината и давањето конечни решенија за сите времиња не е наша работа, тогаш уште појасно е што треба да направиме во сегашноста: мислам на безобѕирна критика на сé постоечко, безобѕирна во таа смисла, што критиката нема да се плаши од своите резултати и исто толку малку ќе се плаши од судирот со постоечките сили.
Карл Маркс, Писмо до Руге (1843)


...теоријата станува материјална сила штом само ги завладее масите.
Карл Маркс, Кон критиката на Хегеловата филозофија на правото. Увод (1843)


...категоричниот императив: да се срушат сите односи во кои човекот е понижено, поробено, беспомошно, презрено суштество...
Карл Маркс, Кон критиката на Хегеловата филозофија на правото. Увод (1843)


Глава на таа еманципација е филозофијата, нејзино срцепролетаријатот. Филозофијата не може да биде остварена без укинување на пролетаријатот, пролетаријатот не може да се укине себеси без остварување на филозофијата.
Карл Маркс, Кон критиката на Хегеловата филозофија на правото. Увод (1843)


Во што се состои самоотуѓувањето на трудот? Прво, во тоа што трудот е за работникот нешто надворешно, што не припаѓа на неговата сушност; во тоа што во својот труд не се потврдува себе, туку се одречува, не се чувствува себе среќен туку несреќен, не ја развива слободно своја физичка и духовна енергија, туку ја измачува својата физичка природа и го упропастува својот дух. Затоа работникот се чувствува добро само надвор од трудот, а во процесот на трудот се чувствува откинат од самиот себе. Нему му е добро тогаш кога не работи; а кога работи, му е лошо. Поради тоа неговиот труд не е доброволен, туку изнуден; тоа е принуден труд. Тоа не е задоволување на потребата за труд, туку само средство за задоволување на други потреби, а не потреба од труд. Отуѓеноста на трудот јасно се покажува во тоа дека штом само престанува физичката или инаква принуденост за трудот, од трудот бегаат како од чума... Во резултат се добива таква положба што човекот (работникот) се чувствува слободно дејствен само при исполнувањето на своите животни функции — при јадење, пиење, во полов акт, во најдобар случај уште кога е во своето живеалиште, при украсувањето итн. — а во своите човечки функции тој се чувствува само како животно. Тоа што му е својствено на животното станува судба на човекот, а човечкото се претвора во она што му е својствено на животното.
Карл Маркс, Економско-филозофски ракописи (1844)


Во секоја епоха мислите на владејачката класа се владејачки мисли, т.е. класата која е владејачка материјална сила на општеството е истовремено и негова владејачка духовна сила. Класата која располага со средствата за материјално производство располага истовремено со тоа и со средствата за духовно производство, така што нејзе, општо земено, ѝ се потчинети и мислите на оние што немаат средства за духовно производство.
Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Германската идеологија (1845)


Филозофите само на различни начини го толкуваа светот, а работата е во тоа тој да се измени.
Карл Маркс, Тези за Фојербах, 11 теза (1845)


Што е комунизмот? Комунизмот е учењето за условите на ослободувањето на пролетаријатот.
Што е пролетаријат? Пролетаријатот е таа класа во општеството, која што живее потполно од продажбата на нејзиниот труд и не влече профит од никаков капитал, чија среќа и несреќа, чиј живот и смрт, чија егзистенција, зависи од побарувачката на трудот, а со тоа и од промената во бизнисот и неконтролираната конкуренција.
Фридрих Енгелс, Принципите на комунизмот (1847)


Робот се продава еднаш засекогаш, додека пролетерот се продава себеси секој ден и секој час. Робот кој е сопственост на еден господар, има загарантирана егзистенција, колку и таа да е мизерна, поради интересот на неговиот господар. Пролетерот кој е тукуречи сопственост на целата буржоазија, која го купува неговиот труд, нема загарантирана егзистенција... Робот се ослободува тогаш кога приватносопственичките односи ќе ги уништат ропските односи и со тоа станува пролетер, додека пролетерот може да се ослободи само преку укинување на приватносопственичките односи.
Фридрих Енгелс, Принципите на комунизмот (1847)


Но дејствувањето на работната сила, трудот, тоа е животна дејност на работникот, појавување на неговиот живот. И оваа животна дејност работникот му ја продава на друг, за да си прибави потребни средства за живот... Тој работи за да живее. Тој и не го смета трудот во својот живот, дури повеќе трудот е жртва на неговиот живот... А работникот што дванаесет часа ткае, преде, дупчи, струже, ѕида, копа, крши камен и носи итн. — може ли тој тоа дванаесетчасовно ткаење, предеше, дупчење, стружење, ѕидање, копање, кршење камен да го смета како пројавување на својот живот, како живот? He. Животот за него почнува кога ќе престане трудот — при јадење, в крчма, в постела. Дванаесетчасовниот труд за него нема никаква смисла како ткаење, предење, дупчење итн., туку како заработување со помошта на кое доаѓа до јадење, крчма, постела!
Карл Маркс, Наемниот труд и капиталот (1847)


Работникот кога сака го напушта капиталистот кај кого се погодил... Но работникот, кому продажбата на работната сила му е единствен извор за доход, не може да ја напушти целата класа купувачи, т.е. капиталистичката класа, а да не се откаже од својот живот. Тој не му припаѓа на овој или оној капиталист, но ѝ припаѓа на капиталистичката класа.
Карл Маркс, Наемниот труд и капиталот (1847)


Историјата на сите досегашни општества е историја на класни борби. Слободниот и робот, патрицијот и плебеецот, феудалецот и крепосникот, еснафот и калфата, накусо — угнетувачот и угнетениот — стојат во постојана спротивставеност еден наспроти друг, водејќи непрекината, де скришна, де јавна борба, која секогаш завршувала со револуционерна преобразба на целото општество, или со заедничка пропаст на класите што се борат.
Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Mанифест на Комунистичката партија (1848)


На местото на старото буржоаско општество со неговите класи и класни спротивности стапува здружувањето, во кое слободниот развиток на секој поединец е услов за слободниот развиток на сите.
Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Mанифест на Комунистичката партија (1848)


Нека треперат владеачките класи пред комунистичката револуција. Пролетерите во неа нема што да загубат освен своите окови. А ќе го добијат целиот свет. Пролетери од сите земји, обединете ce!
Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Mанифест на Комунистичката партија (1848)


Трудот не е единствениот извор на употребните вредности, на материјалните богатства, што ги произведува. Трудот, како што вели Вилијам Пети, е неговиот татко, а земјата е неговата мајка.
Карл Маркс, Капиталот, Том I (1867)


Стоковната форма и односот на вредноста на производите на трудот во која таа се изразува немаат апсолутно никаква работа со нивната физичка природа и со оние односи меѓу предметите што произлегуваат од неа. Овдека се случува само тоа, што определениот општествен однос меѓу самите луѓе зема во нивните очи фантасмагорична форма на еден однос меѓу предметите... Ова јас го викам фетишизам... на стоката.
Карл Маркс, Капиталот, Том I (1867)


Како капиталист тој е само олицетворен капитал. Неговата душа е душа на капиталот. Капиталот има само еден единствен животен стремеж, стремеж да се оплодува, да создава вишок на вредноста, да исцицува со својот постојан дел, со средствата за производство, колку што се може поголема маса вишок на трудот. Капиталот е мртов труд, што оживува како вампир само со исцицување жив труд, и што толку повеќе живее, колку повеќе ќе исцица од него.
Карл Маркс, Капиталот, Том I (1867)


После мене потоп! е лозунгот на секој капиталист и на секоја капиталистичка нација. Затоа капиталот е безобѕирен кон здравјето на работникот и траењето на неговиот живот, каде што тој не е присилен кон тој обѕир од страна на општеството.
Карл Маркс, Капиталот, Том I (1867)


Капиталистичкото производство ја развива техниката и комбинацијата на општествениот процес на производството на тој начин што тоа едновремено ги поткопува изворите на секое богатство: земјата и работникот.
Карл Маркс, Капиталот, Том I (1867)


Работникот не произведува за себеси, туку за капиталот... еден учител е производен работник тогаш ако тој не ги обработува само детските глави, туку кога и самиот работи да го збогати претприемачот. Тоа што последниов го вложил својот капитал во фабриката за учење наместо во некоја фабрика за колбаси, ништо не ја изменува работата.
Карл Маркс, Капиталот, Том I (1867)


Централизацијата на средствата за производство и поопштествувањето на трудот достасуваат до една точка, каде што стануваат несовместиви со нивната капиталистичка лушпа. Таа бива разбиена. Бие часот на капиталистичката приватна сопственост. Експропријаторите биваат експроприрани.
Карл Маркс, Капиталот, Том I (1867)


Во една повисока фаза на комунистичкото општество, кога исчезнува ропската потчинетост на индивидуите на поделбата на трудот, а со неа и спротивноста меѓу умствениот и физичкиот труд; кога трудот станува не само средство за живот туку и прва животна потреба: кога со сестраниот развиток на индивидуата ќе пораснат и производните сили и кога сите извори на задружното богатство ќе потечат поизобилно — дури тогаш ќе биде можно сосема да се пречекори тесниот хоризонт на буржоаското општество и општеството ќе може на своето знаме да напише: Секој според своите способности, на секого според неговите потреби!
Карл Маркс, Критика на Готската програма (1875)


Целата Дарвинова теорија за борбата за постоење е едноставно пренесување од општеството на живата природа на Хобсовата теорија за војната на секој човек против секого и на буржоаската економска теорија за конкуренцијата, заедно со Малтусовата теорија за населението. Откако овој трик е направен... истите теории потоа се префрлаат назад од органската природа во историјата и сега се тврди дека нивната валидност како вечни закони на човечкото општество е докажана.
Фридрих Енгелс, Писмо до Петар Лавров (1875)


Материјалистичкото сфаќање на историјата тргнува од поставката дека производството, а покрај производството и размената на неговите производи, е основа на секој општествен поредок; дека во секое историски определено општество расподелбата на производите, а со неа и социјалното групирање на класи или сталежи зависи од тоа што и како се произведува и како се разменува произведеното. Спрема тоа, крајните причини на сите општествени промени и на политичките пресврти не треба да се бараат во главите на луѓето, во нивното сѐ поголемо разбирање на вечната вистина и правичност, туку во промените на начинот на производството и на размената...
Фридрих Енгелс, Развитокот на социјализмот од утопија до наука (1880)

 


 

 

Последен пат обновено: 21.12.2025