Кочо Рацин

Еден живот


Напишано: 1937.
Прв пат објавено: Невен Пејко: Један живот. „Култура", год. II, бр. 2, 1 септември 1937 г., стр. 2-3, Загреб.
Извор: Кочо Солев Рацин „Проза и публицистика”, „Наша книга”, Скопје, 1987, 39-40 стр.
Превод од српскохрватски: Јован Бошковски
Техничка обработка: Златко Димитриоски, Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2025.


Сега сѐ беше се потполно во некое мачно чувство, а во молчењето се впиваше слика по слика. Непринудено, сам од себе, му се развиваше пред очите неговиот животен филм. Седејќи недвижен на штичениот под, тој како навистина да дочарува филмско платно. А погледот всушност само рамнодушно му се лизгаше преку мрсниот ѕид, извалкан, со безброј нејасни натписи и цртежи, и тука по тоа се распливнуваше.

Празно собиче — три чекори напред, три назад. Во ќошето земјена стомна и парче леб. Горе при врвот сино парче небо, урамено и малечко, четвртесто прозорче. И на крај, тој — тука. Му се чинеше дека токму поради тоа сега неговиот филм е потполн, завршен, и дека нема со што веќе да се дополни.

Навистина, да ли сѐ веќе беше свршено?

Јово одеднаш скокна.

Ха, ха! Глупава филозофија! Свршено! Тој да мисли дека е сѐ свршено? Глупаво, многу глупаво. Тоа е за очајници. Зар со тоа и тој да се занимава? И тоа токму сега? Не, по сто пати не!

Јово зачекорува трипати напред, па потоа назад. За она што сега во него зачекори, тој просгор беше навистина малечок. Но тој се собра. Тој сиот се потопи во некоја срж.

Јово — дете.

Тој се роди кај луѓе што работеа од лулка до гроб, а вечно немаа ништо освен патила. Татка си не го ни видел. Мајка му му расправаше како татко му по чорбаџиските шарлаганџилници го влечел рачниот јарем на примитивната преса од кое се цедело, како потта од неговото лице, афионското масло. И дека умрел во војната, таму некаде околу Криволак, ни сам не знаејќи ни како ни зошто. Остана сираче со мајка си. А таа негова мајка, непросветена жена од стара кова, го тешеше и го учеше на мирноќа. Враќајќи се навечер уморна од работа в поле, пак како и нејзиниот маж на чорбаџиските афионски или тутунски ниви, таа ќе го привлечеше тоа свое дете на скут и му зборуваше како во сказна. Сѐ е, сине, во божји раце! Ете, татко ти се мачеше, се патеше целиот живот, и цедеше за други афионско масло. Но беше божји и бог го повика кај себе... Биди и ти, сине, таков. Трпи мирно сѐ, Господ е голем!

Трпи, сине!

А Јово ги сеќаваше тежините на сиромашкиот живот, се патеше со мајка си, но уште ништо не знаеше.

На школо не се истакна особено. И таму го учеа да трпи. Учителот, откако во почетокот на часот ќе ги истепаше со прат немирните ученици, ќе одржеше потоа проповед за послушното дете, мирното јагне божјо кое ги слуша постарите и кога тие го тепаат, зашто треба да знае дека е тој јагне од големото стадо божјо. Јово чекаше што побргу да излезе од тоа школо и да влезе во вистинското школо — во школото на животот.

А таму, во патила и немотија, се учи од големата книга — борбата. Големата, сезнајна книга на животот, која им припаѓа на страдалниците и на оние што работат, еднаш, конечно да победат и да го освојат животот.

Мнозина таа книга уште на почетокот ја затвориле.

— Нека оди како што оди! Плети котец како татко ти!

Но Јова нешто однатре го тераше таа книга да ја прочита. Смело и без страв да ја раствори сета.

Мајка му и школото го учеа да биде и со најмалото задоволен... А Јова долгите и мачни години чиракување го научија како тоа да се создава. И подоцна годините на бодрото и самосвесно познание наполно му ги отворија очите, и тој ја прочита задната страница од книгата на животот, која се завршуваше со пламениот збор на борбата.

Та навистина, тој се роди кај луѓе што пателе од лулка до гроб и за нив во книгата на животот беше напишан еден збор: борба.

Борба.

Великиот Патоказ.

Јово стоеше на друм. На големиот друм. Патоказот водеше напред.

Три чекори напред. Три чекори назад.

— Не! Напред! Напред!

Од немите ѕидови се кршеше молкот и ѕидовите зборуваа. Ѕидовите го развиваа филмот, погледите пробиваа и понатаму, низ уморениот видик, потаму во правец на патоказот.

Од лицето на Јова се разлеа насмев.



Рацинова архива

марксистичка интернет архива