Воислав Вујовиќ

Изјава пред Централната контролна комисија на СКП(б)


Дадена: септември 1927
Извор: Branislav Gligorijević “Između revolucije i dogme: Voja (Vojislav) Vujović u Kominterni”, “Spektar”, Zagreb, 1983.
Превод: Здравко Савески, од хрватски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2008


Другари, пред кратко време, во март, ми е предложено да одам во Шангај на работа.

Без какво било колебање изјавив дека прифаќам. Зошто? Зашто предлогот беше резултат на реално размислување, зашто ми е предложена револуционерна работа, која одговараше на карактерот на моето делување во текот на последните десет години и преку која јас несомнено би бил правилно искористен. Не е моја вина што не отпатував за Шангај. Прашањето на моето заминување е тргнато од дневен ред на иницијатива на една друга страна и врз основа на расудувањата кои ВАМ ВЕРОЈАТНО ВИ СЕ ПОДОБРО ПОЗНАТИ ОТКОЛКУ МЕНЕ. Во секој случај тие расудувања немаа реална основа.

Но јас одбив да одам во Воронеж, не само поради тоа што тој предлог има сосема друг карактер, што не потекна од реално расудување, што тој, очигледно, значи политичко прогонство, зашто, формално како член на Извршниот комитет на Коминтерната, јас морам да останам во Москва и да учествувам во работата на Извршниот комитет, туку и од следните политички причини:

При ситуацијата што е создадена во Коминтерната и во СКП(б), мојата должност како член на Извршниот комитет на Коминтерната, повеќе од кога и да е порано, е да останам за да ја разобличам цепачката политика на другарите Сталин и Бухарин и да се борам против неа.

По 14-от конгрес на Партијата [во 1925 година] другарите Сталин и Бухарин систематски ја туркаа Коминтерната во рацете на десничарите. Нашите партии во странство израснаа во борбата не само против социјалдемократијата, туку и против опортунизмот во сопствените редови. Од усвојувањето на 21-от услов наваму сите најважни одлуки на Коминтерната беа вперени против опортунистите, кои влегоа во Коминтерната за да не се одвојат од масите. Секому му е познато дека Комунистичката партија во Германија израсна во борбата против Брандлер[1] и Маер,[2] во Чехословачка против Шмерал[3] и Крајбих,[4] во Франција против Кашен[5] и Селие,[6] во Полска против Варски[7] и Кошчева[8] итн., да не ги набројувам сите оние во сите партии кои се исклучени од нив, или кои заминаа од Коминтерната. Благодарение на притисокот на Сталиновото мнозинство тие партии повторно се наоѓаат под водството на оние исти опортунисти кои уште на Петтиот конгрес на Коминтерната [во 1924 година] доживеаја жесток отпор и беа сузбиени од страна на целата Интернационала. Но, сегашното водство на СКП(б) и раководството на Коминтерната веќе одамна ги заборавија одлуките на Петтиот конгрес. Новиот конгрес цело време беше одложуван за да се добие на време и целосно да се поткопаат одлуките на Петтиот конгрес.

Но, времето работи против вас. Затоа се зафативте со политиката на цепење на Коминтерната. Коминтерната познава многу поединечни исклучувања кои се извршени од Петтиот конгрес, но тие сите се однесуваа на десните елементи: Фросар (Франција),[9] Леви (Германија),[10] Хеглунд (Шведска),[11] Транмал (Норвешка)[12] итн., итн. Коминтерната во борбата против ултралевицата секогаш била внимателна, водела политика на внимателно испитување и енергично ја одбиваше линијата на исклучување на ултралевите работнички елементи. Таа ленинистичка линија Сталин и Бухарин ја променија од чисто фракционерски причини - само поради тоа што севкупната меѓународна левица ја поддржува руската опозиција.

Во Германија се исклучени стотици, ако не и илјадници револуционерни комунисти работници и систематски одите на цепење на Партијата, на чие чело го доведовте десничарот Маер. Вие енергично го одбивате секој обид на Урбансовата група[13] да се врати во Партијата. На сите нејзини предлози вашите Маери одговараат со сè нови исклучувања на работниците од Партијата, кои бараат повторно да се воспостави единството на Партијата.

Вие тврдите дека нив никој не ги поддржува. Овде го имате весникот на округот Цул во Тирингија „Дер Фолксвиле“ [„Народна волја“] од 7 септември. Цул е работнички центар, тврдина на комунистите, во чии раце веќе со години се наоѓа градската управа. Меѓу-окружното раководство се изјаснува за руската опозиција и за враќање на Урбансовата група во Партијата со 12 гласови против 4 гласови. При гласањето на претставниците на девет ќелии во претпријатијата и на тринаесет месни групи таа резолуција е прифатена со 47 против 5 гласови. Меѓу-окружното раководство го смени уредникот на весникот, кого го испрати тирингиското партиско окружно раководство, кого го сочинуваа десничари, и постави свој уредник, кој го застапува гледиштето на мнозинството од меѓу-окружното раководство.

Како ќе одговорите на тоа? Се разбира, со нови исклучувања. Вие ќе ја исклучите целата организација. Тоа е политичко цепење на Коминтерната. Таа политика ќе наиде и веќе наидува на отфрлање во КПГ. Според тоа, вие нема да можете да ги исклучите сите работници ниту во Германија ниту во другите земји.

Во Франција вие со својата опортунистичка политика и со нечуениот метод на притисок го одбивте членот на Извршниот комитет на Коминтерната другарот Трен[14] и низа други другари. Вие ја премолчивте Треновата изјава, која тој ја даде на седницата на ЦК КПФ од 3 и 4 август и таа не се печати ниту овде ниту во странство. Но затоа дадовте директива Трен засега да се исклучи од ЦК. Ако тоа не го знаете, можам да ви соопштам дека ЦК КПФ на својата последна седница (пред 10 дена) за тоа прашање расправаше 24 часа. ЦК се откажа од исклучувањето и Политбирото мораше да го повлече налогот за да не се распадне. Вие ќе имате сè помалку можности да преземате исклучувања. Работниците нема да ви дозволат на нашиот пораст да одговорите со нови исклучувања и со цепење на Коминтерната. Во исто време вие француската партија ја предадовте во рацете на изразитите опортунисти Селие и Мармон.

Во Чехословачка пред неколку дена конференцијата на германската област со огромно мнозинство ја осуди политиката на ЦК, поради што претставникот на ЦК другарот Штерн се плашеше макар и само да ја покаже резолуцијата на ЦК против руската опозиција. Тоа се случи и покрај тоа што другарот Нојрат, како што се изразуваат чешките работници, се наоѓа во „чешкиот Сибир“. Како реагираше ЦК на тоа? Тој го повика другарот Нојрат, го обвини и го направи одговорен за овој пораз и му забрани воопшто и да се појави во германската област со која со години беше поврзан со револуционерна работа. Тоа е политиката на исклучување.

Но зарем вие навистина не сфаќате дека овие ваши апаратски методи на РЕШАВАЊЕ НА НАЈКРУПНОТО политичко прашање не можат да доведат до ништо добро? Наместо поправање на погрешната, опортунистичка политика - нови организациски последици. Токму како во Москва.

Во Полска вие ја доведовте Партијата во нечуена ситуација, која се одрази и на партискиот конгрес. Партискиот конгрес траеше четири месеци. Четири месеци партијата беше без раководство, а што направи тој конгрес за расчистување на ситуацијата во Партијата? Апсолутно ништо. Фракционерската борба продолжува и се заострува, а вие ги поддржувате Варски и Кошчева, иако тие зад себе ги немаат главните центри и иако во Партијата фактички се во малцинство. Вие одите на разбивање на полската партија, а на тоа, се разбира, реагираат основните партиски маси.

Како вие одговарате на немирите на Партијата во Полска? Така што на чело на Партијата го оставате Варски, кој организираше манифестации во чест на [водачот на воената диктатура] Пилсудски, а другарот Домски,[15] приврзаник на руската опозиција, го праќате од Москва во Саратов. Наведете ми барем еден случај од досегашната историја на Коминтерната кога партиските раководители поради направените грешки не само што се отстранети, туку и протерани таму каде ниту од далеку не можат да го пратат животот на својата партија. Вие сакате на човекот кој дваесет години живеел со животот на полскиот револуционерен пролетаријат да му ја ускратите секоја можност да го прати она што се случува во полската партија и во Полска.

Какви се вистинските мотиви за тоа? Вие сакате со административни мерки да ја повратите разнишаната положба на вам приврзаниот Варски. Но тоа е погубен пат и тоа нема да ве спаси ниту ќе ги спречи работниците, комунистите во Полска, а ниту во сите други земји, да не бидат на страната на руската опозиција, дотолку побрзо доколку бидат запознаени со вистинската состојба на работите и со нашите погледи.

Вие ја прикривте изјавата на другарот Нин,[16] членот на Извршното биро на Црвената синдикална интернационала и еден од основачите на Комунистичката партија на Шпанија, во која тој кажува дека целосно го споделува гледиштето на опозицијата.

Во Холандија дефинитивно ја изгубивте левата синдикална организација (НАК), која брои повеќе од 14.000 работници, а исто така и во Белгија дојде до раскин со левото крило на синдикатот, кое со години работеше рамо до рамо со Комунистичката партија. И двете од овие групи револуционерни работници вие ги турнавте на патот на синдикализмот. Тоа се плодовите на вашата политика.

Во Бугарија комунистите на последните избори испратија во Парламентот десет социјалдемократи,[17] при што ги истакнаа на чело на листата на работничко-селанскиот блок. Значи, комунистите ги испратија во Парламентот Цанковите крвави социјалдемократски кучиња, со кои комунистите сочинуваат единствен блок. Во Југославија единствениот пратеник кој е избран на листата на работничко-селанскиот блок е еден социјалдемократ.[18]

Тоа е вашата политика, тоа не е случајност. Тоа е Сталиновата политика, која тој ја води со посредство на Коминтерната. Но таа политика нема ништо заедничко со ленинизмот.

И токму избравте еден таков политички момент да ми предложите да одам во Воронеж. Како одговор на јакнењето на левото крило во Коминтерната - прогонство. Ниеден член на Партијата нема да ви верува дека вистински причини бараат еден член на Извршниот комитет на Коминтерната, еден странец, кој не го познава доволно ниту јазикот, ниту земјата, да патува во Воронеж на работа, која би можел подобро да ја врши кој било руски другар.

Петтиот конгрес на Коминтерната не ме избра во Извршниот комитет за тоа да седам во Воронеж, осуден на целосно политичко неработење, туку за тоа да се борам за правилна, револуционерна линија. Моја должност е да останам во Извршниот комитет, да ја бранам линијата на Петтиот конгрес, според своите сили да ја исправам сегашната погрешна линија и да се борам против цепачката политика за воспоставување на единството на Коминтерната.

Состојбата во СКП(б) исто толку ме принудува да одбијам да патувам во провинцијата. Како вие овде реагирате на нашиот неспорен раст? Вие овде започнувате вистинска сталинска подготовка на 15-от партиски конгрес, при што го уфрлате во игра ГПУ. Вие го праќате ГПУ кај комунисти, кај стари членови на Партијата за кај нив да врши куќни претреси. Вие ја оневозможувате дискусијата. Вие се трудите да нè спречите работниците, членови на Партијата, да ги запознаеме со нашите гледишта кои се темелат врз ленинистичката платформа на опозицијата.

Вие го воведувате ГПУ во игра за решавање на едно внатрешно партиско прашање и се трудите со помош на државниот апарат да си обезбедите за себе мнозинство во Партијата. Вие го погазивте статутот и традициите на Партијата. Моја должност како член на Извршниот комитет на Коминтерната е да останам овде и во Извршниот комитет и во целата Коминтерна да се борам против вашата цепачка политика.

Така стојат работите.

Јас апелирав до Президиумот на Извршниот комитет на Коминтерната и не е моја вина што разгледувањето на ова прашање е одложено за следната седница. Ви предлагам да не донесувате никаква дефинитивна одлука пред да се расправаза моето прашање во Президиумот на Извршниот комитет на Коминтерната.

Имате три опции: прво, да ме оставите во Извршниот комитет во Москва и практично да ми овозможите да ги извршувам своите должности како член на Извршниот комитет на Коминтерната; второ, да ми дозволите да одам во странство и да работам во партиите во кои работев пред да бидам избран во Извршниот комитет на Коминтерната и пред да преминам во СКП(б) и, трето, да ме исклучите од Партијата.

Во Франција сега не успеавте да го исклучите Трен од ЦК. Во сите партии станува сè потешко да се исклучуваат опозиционерите. Овде вие очигледно сте одлучиле да ја поделите Партијата, па можеби нема да се двоумите да ме исклучите од Партијата. Ако сметате дека смее да се исклучи од Партијата еден член на Извршниот комитет на Интернационалата, тогаш вие постапете согласно тоа. Јас ќе протестирам против вашата одлука и пред Извршниот комитет и пред целата Коминтерна и до крај ќе ги бранам своите права на член на Извршниот комитет. Убеден сум дека работниците комунисти во блиска иднина ќе стават крај на вашата цепачка политика и ќе ги вратат сите опозиционери во Партијата.

На крајот изјавувам дека и понатаму со сите свои сили ќе се борам против опортунистичката политика на Сталиновото мнозинство, а за ленинистичката линија во СКП(б) и во Коминтерната.


Забелешки на преведувачот

[1] Хејнрих Брандлер (1881-1967) е еден од основачите на КП Германија. Во 1921 година доаѓа на чело на партијата. Прогласен е за виновен за неуспехот на востанието во 1923 година во Германија, поради што во 1924 година е сменет од раководната позиција во КП Германија. Во 1928 година ја поддржува десната опозиција на чело со Бухарин, поради што следната година е исклучен од партијата. По исклучувањето, заедно со Аугуст Талмаер и Паул Фрелих ја формира Комунистичката партија - Опозиција. По доаѓањето на нацистите на власт, пребегнува од земјата, прво во Франција, а потоа и на Куба. По враќањето во Западна Германија во 1947 година формира комунистичка група која ја продолжува традицијата на Комунистичката партија - Опозиција, но без поголем успех.

[2] Ернст Маер (1887-1930) е еден од основачите на Комунистичката партија на Германија. Од 1919 до 1923 година е во раководството на Партијата. Од 1921 до 1924 и од 1928 до 1930 година е пратеник во Покраинскиот парламент на Прусија. Во 1927 година сериозно се разболува и во 1930 година умира.

[3] Бохумир Шмерал (1880-1941) во текот на Првата светска војна ги предводи чешките социјалдемократи, а во 1921 година е еден од основачите на КП Чехословачка. На Четвртиот конгрес на Коминтерната е избран за член на Извршниот комитет на Коминтерната и на Президиумот и до 1931 година врши разни мисии во име на Коминтерната во странство. Во 1938 година по окупацијата на Судетската област, пребегнува во СССР каде што умира во 1941 година.

[4] Карел Крајбих (1883-1966) е еден од основачите на КП Чехословачка. Во периодот од 1923 до 1927 година е во Централниот комитет на Партијата. Од 1935 до 1938 година е сенатор во Чехословачкиот сенат. Во 1938 година емигрира во Британија, а во Чехословачка се враќа по војната. Во 1952 година, за време на судскиот процес против генералниот секретар на партијата Рудолф Слански, Крајбих е пензиониран.

[5] Марсел Кашен (1869-1958) за време на Првата светска војна стои на социјал-патриотски позиции. По војната, на Конгресот во Тур станува еден од раководителите на Комунистичката партија на Франција. На Четвртиот конгрес на Коминтерната е избран за член на Извршниот комитет на Коминтерната и на Президиумот. За време на германската окупација во текот на Втората светска војна е еден од раководителите на движењето на отпорот. Беше директор на „Иманите“ од 1918 година до крајот на својот живот.

[6] Луј Селие (1885-1978) од 1920 година е еден од основачите на КП Франција. Учествува на Четвртиот и Петтиот конгрес на Коминтерната. По оставката на Фросар, од јануари 1923 до август 1924 година е генерален секретар на КП Франција. Во 1929 година е исклучен од партијата и ја формира Работничката селанска партија, лоцирана помеѓу Социјалистичката и Комунистичката партија. Ја предводи партијата до 1937 година, кога таа се обединува со Социјалистичката партија. Поради неговиот колаборационизам со нацистите за време на германската окупација на Франција, Селие во 1944 година е исклучен од СП. По Втората светска војна се повлече од политиката.

[7] Адолф Варски (1868-1937) е член на ЦК КП Полска во периодот од 1919 до 1929 година и на Политбирото (1923-1929, со прекини). Во 1929 година пребегнува во СССР, каде во 1937 година е уапсен во чистките и е ликвидиран.

[8] Кошчева е псевдоним на Марија Кошутска (1876-1939), член на ЦК КП Полска од 1918 до 1929 година и на неговото Политбиро од 1923 до 1929 година. По 1929 година живее во СССР. Се противи на сталинизацијата на полската партија, поради што во 1937 година е уапсена, а во 1939 година умира во затвор.

[9] Лудовик-Оскар Фросар (1889-1946) во 1918 година станува секретар на Социјалистичката партија на Франција. Учествува на Вториот конгрес на Коминтерната во 1920 година и по враќањето се залага за прифаќање на 21 услов за членство во Коминтерната. По поделбата на партијата на Конгресот во Тур е избран за генерален секретар на КП Франција и раководи со партијата до крајот на 1922 година. Потоа поднесува оставка и преминува во Социјалистичката партија. Во 1938 година е министер во владата на Народниот фронт и останува министер во следните неколку влади до јули 1940 година.

[10] Паул Леви (1883-1930) е близок соработник на Роза Луксембург. По нејзиното убиство, во март 1919 година доаѓа на чело на КП Германија. Се противи на „мартовската акција“ од 1921 година, и, иако настаните му даваат право, исклучен е од партијата поради непослушност. Оформува посебна комунистичка организација која во 1922 година се приклучува кон Независната социјалдемократска партија на Германија (составена од членовите на партијата кои на Конгресот во Хале не го прифатија обединувањето со Комунистичката партија). Во 1923 година, заедно со најголемиот дел од Независната социјалдемократска партија, се враќа во членство на Социјалдемократската партија на Германија. Во 1930 година извршува самоубиство.

[11] Зет Хеглунд (1884-1956) е еден од основачите на КП Шведска. Во 1917 година е исклучен од Социјалдемократската партија на Шведска и ја основа Социјалдемократската левичарска партија. Во новата партија Хеглунд се залага за прифаќање на 21-от услов за членство во Коминтерната што се случи во 1921 година, кога партијата и го промени името во КП Шведска. Во 1922 година Хеглунд е избран во Извршниот комитет на Коминтерната, но во 1924 година, поради преголемо мешање на Коминтерната во внатрешните работи на националните партии, тој поднесува оставка од членството во КП Шведска и формира сопствена комунистичка партија. Но, во 1926 година преминува во членство на Социјалдемократската партија, како дел од левото крило на партијата. Од 1940 до 1950 година е градоначалник на Стокхолм.

[12] Мартин Транмал (1879-1967) е еден од најраните приврзаници на Октомвриската револуција во Норвешка. Тој ја убеди Норвешката работничка партија да се зачлени во Коминтерната, прифаќајќи ги 21-от услов за членство. Но, во 1923 година го поддржува излегувањето на партијата од Коминтерната. За време на Втората светска војна, живее во егзил во Шведска, а по војната, иако останува социјалист, поддржува мерки како зачленувањето на Норвешка во НАТО.

[13] Хуго Урбанс (1890-1946) е член на Независната социјалдемократска партија на Германија од 1917 година. Со мнозинството од партијата во 1920 година влегува во КП Германија. Во 1926 година е исклучен од партијата и го основа Лениновиот сојуз. По доаѓањето на нацистите на власт емигрира прво во Чехословачка, а потоа и во Шведска.

[14] Албер Трен (1889-1971) на основачкиот конгрес на КП Франција е избран во ЦК на партијата. Од 1923 до 1925 година е еден од двата генерални секретари на партијата.. Поради неговата поддршка на Зиновјев, во 1926 година е исклучен од Политбирото, а во 1928 година и од партијата. Станува приврзаник на Троцки, но во 1932 година ги прекинува односите со него и во 1934 година се враќа во членство на Социјалистичката партија. Кон крајот на 1930-тите се пасивизира.

[15] Домски е псевдоним на Хенрик Стајн (1883-1937), полски приврзаник на Зиновјев.

[16] Андрес Нин (1892-1937) е еден од основачите на КП Шпанија. Поради поддршката на Троцки, во 1928 година е разрешен од сите функции, а во 1930 година е протеран од СССР. Се враќа во Шпанија, каде во 1931 година ја формира троцкистичката Комунистичка левица на Шпанија. Во 1935 година оваа партија се обединува со Работничкиот и селански блок (кој ја поддржува десната опозиција на чело со Бухарин) во Работничката партија за марксистичко обединување (ПОУМ). Троцки не го оправдува овој потег и ги прекинува односите со Нин. По избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, станува министер за правда во каталонската влада. Но, во декември 1936 година, на инсистирање на советските претставници е отстранет од владата. Во јуни следната година Нин е уапсен од страна на советската тајна служба и ликвидиран.

[17] Бугарските социјалдемократи во јуни 1923 година влегуваат во владата што се формира по превратот со кој е соборена земјоделската влада на Александар Стамболиски. Новата влада, предводена од Александар Цанков, го задушува Септемвриското востание кое го крева Бугарската комунистичка партија. Социјалдемократите ја напуштаат владата во февруари 1924 година. Инаку, периодот на владеење на Цанков (1923-1926) беше одбележан со остра репресија на Бугарската комунистичка партија.

[18] На изборите од 1927 година единствениот работнички пратеник беше избран од листата на Социјалистичката партија на Југославија.


Архива на Воислав Вујовиќ

марксистичка интернет архива