В. И. Ленин
„Левичарството“ детска болест во комунизмот


I
ВО КОЈА СМИСЛА МОЖЕ ДА СЕ ЗБОРУВА ЗА МЕЃУНАРОДНОТО ЗНАЧЕЊЕ НА РУСКАТА РЕВОЛУЦИЈА

Првите месеци по освојувањето на политичката власт од страна на пролетаријатот во Русија (25. X. — 7. XI 1917) можеше да изгледа дека огромните разлики меѓу заостанатата Русија и развиените западноевропски земји ќе ја направат револуцијата на пролетаријатот во тие земји мошне малку да прилега на нашата. Сега веќе имаме пред себе мошне солиден меѓународен опит којшто зборува наполно определено дека некои основни црти на нашата револуција имаат не локално, не национално специфично, не само руско, туку и меѓународно значење. И јас овде не зборувам за меѓународното значење во широката смисла на зборот: не некои, туку сите основни и многу споредни црти на нашата револуција имаат меѓународно значење, во смисла на нејзиното воздејство врз сите земји. Не, во најтесната смисла на зборот, т.е. разбирајќи го под меѓународно значење меѓународното важење или историската неизбежност да се повтори во меѓународни размери она што стана кај нас — ќе треба да признаеме дека некои основни црти на нашата револуција имаат такво значење.

Се разбира, би било најголема погрешка да се преувеличи оваа вистина, да се прошири таа не само врз некои од основните црти на нашата револуција.

Исто така би било погрешно да се испушти предвид дека по победата на пролетерската револуција, макар и во една од поразвиените земји, ќе настапи, по сета веројатност, остар прелом, а имено: Русија наскоро потоа ќе стане не образцова, туку пак заостаната (во „советска“ и социјалистичка смисла) земја.

Но во дадениот историски момент работата стои токму така, што рускиот пример им покажува на сите земји некои работи, и тоа мошне суштествени, од нивната неизбежна и недалечна иднина. Напредните работници во сите земји одамна го сфатија тоа, — а уште почесто не толку го сфатија колку што го доловија, го усетија тоа со својот инстинкт на револуционерна класа. Оттука и меѓународното „значење“ (во тесната смисла на зборот) на советската власт, а исто така и на основите на болшевичката теорија и тактика. Тоа не го разбраа „револуционерните“ водачи на Втората интернационала од типот на Кауцки во Германија, Ото Бауер и Фридрих Адлер во Австрија, коишто поради тоа излегоа и реакционери, бранители на најлошиот опортунизам и социјалистичкото предавство. Меѓу другото, анонимната брошура „Светската револуција“ („Weltrevolution“), излезена во 1919 година во Виена (Sozialistische Bücherei, Heft 11; Ignaz Brand[1]), го покажува особено нагледно сиот тек на мислата и сиот круг на мислата, поточно сета бездна од бесмислености, педантство, подлост и предавство на интересите на работничката класа — и тоа под фирмата на „одбрана“ на идејата за „светска револуција“.

Но ќе мораме најподробно да се задржиме врз оваа брошура некој друг пат. А овде ќе одбележиме само уште едно: во одамна-одамна изминати времиња, кога Кауцки ја пишуваше во револуционерната „Искра“ приоѓајќи кон прашањето како историчар, ја предвиде можноста да настапи таква ситуација во која револуционерноста на рускиот пролетаријат ќе стане образец за Западна Европа. Тоа беше во 1902 година, кога Кауцки ја пишуваше во револуционерната „Искра“ статијата: „Словените и револуцијата“. Ете што пишуваше тој во таа статија:

„Денеска пак“ (спротивно од 1848 година) „може да се смета дека Словените не само што стапија во редовите на револуционерните народи, туку и дека тежиштето на револуционерната мисла и на револуционерното дело сè повеќе и повеќе ќе се преместува накај Словените. Револуционерниот центар се преместува од запад на исток. Во првата половина на XIX век тој се наоѓаше во Франција, одвреме-навреме во Англија. Во 1848 година и Германија стапи во редовите на револуционерните нации... Новото столетие започнува во такви настани коишто наведуваат на мислата дека ние одиме на пресрет на понатамошното преместување на револуционерниот центар, имено: неговото преместување во Русија... Русија, којашто прими толку револуционерна иницијатива од Запад, сега, можеби, самата е готова да му послужи како извор на револуционерната енергија. Руското револуционерно движење, коешто се разгорува, ќе биде, можеби, најмоќно средство за уништувањето на оној дух на ситничаво филистерство и трезвено политикантство којшто започнува да се шири во нашите редови, и тој ќе стори одново да пламнат со јарок пламен жедта за борба и страсната преданост кон нашите велики идеали. Русија одамна веќе престана да биде за Западна Европа просто бедем на реакцијата и апсолутизмот. Работата сега стои, можеби, обратно. Западна Европа станува бедем на реакција и апсолутизмот во Русија... Со царот руските револуционери можеби одамна би се справиле ако не беа присилени да водат едновремено борба и против неговиот сојузник — европскиот капитал. Да се надеваме дека овој пат ќе успеат да се справат и со двата непријатели, и дека неговата „света алијанса“ ќе се урне поскоро одошто нејзините претходници. Но како и да сврши сегашнава борба во Русија, крвта и среќата на мачениците што таа ќе ги даде, за жал, повеќе одошто треба, нема да пропаднат по-пусто. Тие ќе ги оплодат никулците на социјалниот преврат во целиот цивилизиран свет, и ќе ги натераат да растат побујно и побрзо. Во 1848 г. Словените беа лут мраз што ги попари цвеќињата на народната пролет. Можеби, ним им е сега судено да бидат онаа бура што ќе го скрши ледот на реакцијата и незадржливо ќе ја донесе со себе новата, среќна пролет и народите“. (Карл Кауцки, „Словените и револуцијата“, статија за „Искра“, руски социјалдемократски револуционерен весник, бр. 18, од 10. III. 1902 г.).

Убаво пишуваше пред 18 години Карл Кауцки!



Белешки

[1] Социјалистичка библиотека, број 11. Игнац Бранд. — Ред. ↑