Во Англија уште нема комунистичка партија, но меѓу работниците има едно свежо, широко моќно комунистичко движење, коешто брзо се развива и кое дава право да одгледуваме најсветли надежи; има неколку политички партии и организации („Британска социјалистичка партија“, „Социјалистичка работничка партија“, „Јужновелшко социјалистичко друштво“, „Работничка социјалистичка федерација“), коишто сакаат да создадат комунистичка партија и меѓу себе веќе водат преговори за тоа. Во весник „Работнички дреднот“[1] (том VI, бр. 48, од 21. II. 1920), неделен орган на последната од споменатите организации, што го редактира другарката Силвија Панкхерст, е објавена нејзината статија: „Кон комунистичка партија“. Статијата го излага текот на преговорите меѓу четирите споменати организации за образување единствена комунистичка партија, врз основа на присоединувањето кон III интернационала, признавањето на советскиот систем наместо парламентаризмот, и на диктатурата на пролетаријатот. Како што се покажа, една од главните пречки за неодложното создавање единствена комунистичка партија се разногласиците по прашањето за учеството во парламентот и за присоединувањето на новата комунистичка партија кон старата професионалистичка, составена предимно од тредјунионите, опортунистичка и социјалистичка „Работничката партија“. „Работничката партија“ и „Социјалистичката работничка партија“[2] се изјаснуваат против учеството во парламентарните избори и во парламентот, против присоединувањето кон „Работничката партија“, разидувајќи се во тој однос со сите или со повеќето членови на Британската социјалистичка партија, којашто, во нивните очи, е „десно крило на комунистичките партии“ во Англија (стр. 5, споменатата статија на Силвија Панкхерст).
И така, се добива истата основна поделба како и во Германија — и покрај огромните разлики во формата на пројавувањето на разногласиците (во Германија таа форма е многу поблиска од „руската“ отколку во Англија) и во цела низа други околности. Да ги погледнеме аргументите на „левите“.
По прашањето за учеството во парламентот другарката Силвија Панкхерст се повикува на објавената во истиот број статија на другарот В. Галахер (W. Gallacher), којшто пишува од името на „Шкотскиот работнички сојуз“ во Глазгов.
„Овој совет — пишува тој — е изразито антипарламентарен, и зад него стои левото крило на различни политички организации. Ние го претставуваме револуционерното движење во Шкотска, коешто се стреми кон создавањето на револуционерна организација во индустриите (во разните гранки на производството) и на комунистичка партија, заснована врз социјалистички комитети, во целата земја. Долго време се препиравме со официјалните парламентарци. Не сметаме за потребно да им објавиме отворена војна, а тие се плашат да почнат напад на нас.
Но таквата положба на работите не може да трае долго. Ние победивме по целата линија.
На членските маси на Независната работничка партија во Шкотска им е сè поодвратна помислата за парламентот и речиси сите месни групи се за совети (употребен е рускиот збор во англиска транскрипција) или за работнички совети. Се разбира, тоа има мошне сериозно значење за оние господа коишто на политиката гледаат како на средство за заработка (како на професија), и тие ги употребуваат сите можни средства за да ги убедат своите членови да се вратат во крилото на парламентаризмот. Револуционерните другари не смеат (курзивот е насекаде од авторот) да ја поддржуваат таа банда. Нашата борба овде ќе биде многу тешка. Една од нејзините најлоши црти ќе биде предавството од оние за кои се личните интереси посилен подбудител одошто нивниот интерес кон револуција. Секоја поткрепа на парламентаризмот е просто помош за да дојде власта во рацете на нашите британски Шајдемановци и Носкевци, Хендерсон, Клајнс (Clynes) и комп. се безнадежно реакционерни. Официјалната Независна работничка партија сè повеќе паѓа под власта на буржоаските либерали, коишто најдоа духовно засолниште во лагерот на господата Макдоналд Сноуден и комп.Официјалната Независна работничка партија е жесток непријател на III интернационала, а членските маси се за последната. Да се поддржуваат на кој и да е начин парламентарните опортунисти, значи просто да им се оди на рака на гореспоменатите господа. Британската социјалистичка партија овде нема никакво значење... Овде е потребна здрава револуционерна индустриска организација и комунистичка партија којашто дејствува според јасни, точно определени, научни основи. Ако нашите другари можат да ни поможат во изградувањето на едната и на другата, ние со задоволство ќе ја примиме нивната помош; ако не можат — нека, за бога воопшто не се мешаат, ако не сакаат да ја предадат Револуцијата со давање поддршка на реакционерите, коишто така усрдно се стремат да постигнат „почесно“ (? — прашалникот е од авторот) звание член на парламентот и кои горат од желбата да докажат дека можат да управуваат исто така успешно како и самите „господари“, „класните политичари“.
Ова писмо до редакцијата ги изразува, според мене, прекрасно настроенијата и гледиштето на младите комунисти или на работниците од масата, кои штотуку почнале да му приоѓаат на комунизмот. Тоа настроение е во најголема мера утешно и драгоцено; него треба да умееме да го цениме и поддржуваме, зашто без него победата на револуцијата на пролетаријатот во Англија — па и во некоја друга земја — би била безнадежна. Луѓето што умеат да изразуваат такво настроение на масите, умеат да предизвикуваат кај масите (мошне често дремливо, несознаено, непробудено) такво настроение, треба да бидат чувани и грижливо да им се укажува секаква помош. Но во истото време треба да им се кажува директно, отворено дека за раководење на масите во големата револуционерна борба само настроение не е доволно и дека такви и такви грешки што се готови да ги направат или ги прават луѓето наполно предани на револуцијата, се грешки што можат да му нанесат штета и на делото на револуцијата. Писмото од другарот Галахер до редакцијата ги покажува несомнено никулците на сите оние грешки што ги прават германските „леви“ комунисти и што ги правеа руските „леви“ болшевици во 1908 и 1918 година.
Авторот на писмото е полн најблагодарна прожетерска (разбирлива и блиска, меѓутоа, не само на пролетерите туку и на сите трудбеници, на сите „мали луѓе“, да го употребиме германскиот израз) омраза кон буржоаските „класни политичари“. Таа омраза на претставникот на угнетените и експлоатирани маси е навистина „почеток на секоја премудрост“, основа на секое социјалистичко и комунистичко движење и на неговите успеси. Но авторот, очевидно, не го зема предвид тоа дека политиката е наука и вештина што не паѓа од небо, на готово не се дава, и дека пролетаријатот, ако сака да ја победи буржоазијата, мора да си изгради свои, пролетерски, „класни политичари“, и тоа такви што нема да бидат полоши од буржоаските политичари.
Авторот на писмото сфатил одлично дека не парламентот туку само работничките совети (совети) можат да бидат орудие за постигање на целите на пролетаријатот, и, се разбира, оние што уште не го разбрале тоа до сега, се најлоши реакционери, па макар биле тие и најучени луѓе, најопитни политичари, нај-искрени социјалисти, најначитани марксисти, најчесни граѓани и луѓе семејни. Но авторот на писмото дури и не го поставува прашањето, не помислува на потребата да го постави прашањето: може ли да се поведат советите до победа над парламентот без да воведуваат „советски“ политичари во парламентот? без да го разлагаат парламентаризмот однатре? без да го подготвуваат однатре во парламентот успехот на советите во нивната претстојна задача да го растераат парламентот? А меѓу тоа авторот на писмото искажува совршено правилна мисла дека комунистичката партија во Англија треба да дејствува врз научни основи. Науката бара, прво, да се води сметка за опитот на другите земји, особено ако другите, исто така капиталистички земји, преживуваат или неодамна преживувале многу сличен опит; второ, да се води сметка за сите сили, групи, партии, класи, маси, што дејствуваат во дадена земја, а никако не да се определува политиката само врз основа на желбите и сфаќањата, степенот на свес-носта и готовноста за борба на една група или партија.
Дека Хендерсоновци, Клајнсовци, Макдоналдовци и Сноуденовци се безнадежно реакционери, тоа е точно. Исто така е точно и тоа дека тие сакаат да ја земат во свои раце (претпочитувајќи, меѓу другото, коалиција со буржоазијата), дека сакаат да „управуваат“ по истите старовремски буржоаски правила, дека кога ќе бидат на власт неминовно ќе се држат како Шајдемановци и Носкевци. Сето тоа е така. Но оттука никако не следува дека поддржувањето нивно е предавство кон револуцијата, туку тоа дека во интерес на револуцијата револуционерите на работничката класа мораат да им укажат на тие господа извесна парламентарна поддршка. За да ја појаснам оваа мисла, ќе земам два современи англиски политички документи: 1) говорот на министер-претседателот Лојд Џорџ од 18. III. 1920 (како што го дава „The Manchester Guardian“ од 19. III. 1920) и 2) расудувањата на „левата“ комунистка, другарката Силвија Панкхерст во гореспомената нејзина статија.
Лојд Џорџ во својот говор полемизирал со Асквит (којшто специјално бил поканет на собранието, но откажал да дојде) и со оние либерали што не сакаат коалиција со конзервативците, туку зближување со работничката партија. (Од писмото на другарот Галахер до редакцијата видовме исто така дека се укажува на фактот на преминување на либерали во Независната работничка партија). Лојд Џорџ докажувал дека е потребна коалиција на либералите со конзервативците, и тоа тесна, зашто инаку може да победи Работничката партија, којашто Лојд Џорџ повеќе милува да ја нарекува „социјалистичка“ и којашто се стреми кон „колективна сопственост“ на средствата за производство. „Во Франција тоа се нарекуваше комунизам — популарно им појаснувал водачот на англиската буржоазија на своите слушатели, членови на парламентарната либерална партија, коишто, веројатно, досега не го знаеле тоа — „во Германија тоа се нарекуваше социјализам! во Русија тоа се нарекува болшевизам“. За либералите тоа е принципиелно неприемливо, разјаснувал Лојд Џорџ, зашто либералите се принципиелно за приватната сопственост. „Цивилизацијата е во опасност“, изјавувал говорникот, и затоа либералите и конзервативците мораат да се обединат...
„Ако појдете во земјоделските окрузи“ — рекол Лојд Џорџ — „јас сум согласен дека таму ќе ги видите старите партиски поделби, зачувани како порано. Таму е опасноста далеку. Таму опасност нема. Но кога работата ќе дојде до нив, до селските окрузи, таму опасноста ќе биде исто толку голема колку што е сега голема во некои индустриски окрузи. Четири петтини од нашата земја се зафатени од индустријата и трговијата; одвај една петтина — од земјоделството. Тоа е една од околностите што ја имам постојано предвид кога размислувам за опасностите што ни ги носи иднината. Во Франција населението е земјоделско, и имате солидна база за определени погледи којашто не се менува така брзо и којашто не е можно така лесно да се возбуди од револуционерно движење. Во нашата земја работите стојат поинаку. Нашата земја е полабилна од која и да било друга земја во светот, и ако таа почне да се клати, тогаш крахот поради споменатите причини ќе биде овде посилен одошто во другите земји“.
Читателот гледа од ова дека г. Лојд Џорџ е не само мошне умен човек, но и дека многу научил од марксистите. Не е гревота и ние да се поучиме од Лојд Џорџ.
Интересно е уште да се одбележи следната епизода од дискусијата по говорот на Лојд Џорџ:
Г. Валас (Wallace): „Јас би сакал да прашам како гледа министер-претседателот на резултатите од својата политика во индустриските окрузи во однос на индустриските работници, од кои се сега мошне голем број либерали и од кои добивме толку многу поддршка. Нема ли евентуалниот резултат да биде таков, што да предизвика огромно наголемување на силата на Работничката партија од страна на работниците коишто се сега искрени помагачи?“
Министер-претседателот: „Јас стојам на сосема друго гледиште. Фактот дека либералите се борат помеѓу себе несомнено турка многу значителен број либерали, од очајание, кон Работничката партија, каде што веќе имате значителен број либерали, мошне способни луѓе, зафатени сега со дискредитирање на владата. Резултатот е, несомнено, тој дека значително се зацврстува настроението на јавноста во полза на Работничката партија. Општественото мислење не се приклонува кон либералите што стојат надвор од Работничката партија, туку кон Работничката партија — тоа го покажуваат одделните дополнителни избори“.
Патем речено, ова расудување покажува особено како најумните луѓе на буржоазијата се имаат заплеткано и како не можат да не прават непоправливи глупости. На тоа буржоазијата и ќе загине. А нашите луѓе можат дури и да прават глупости (вистина, под услов тие глупости да не се мошне големи и навреме да бидат поправени) и сепак на крајот на краиштата ќе излезат победници.
Другиот политички документ се следниве расудувања на „левата“ комунистка, другарката Силвија Панкхерст:
„... Другарот Инкпин (секретар на Британската социјалистичка партија) ја нарекува Работничката партија „главна организација на движењето на работничката класа“. Друг другар од Британската социјалистичка партија го изрази на конференцијата на Третата интернационала гледиштето на Британската социјалистичка партија уште порелефно. Тој рече: „Ние гледаме на Работничката партија како на организирана работничка класа“.
Ние не го делиме тоа гледиште за Работничката партија. Работничката партија бројно е мошне голема, иако еден значителен дел од нејзините членови се неактивни и апатични; тоа се работници и работнички влезени во тредјунионите, зашто нивните другари во работнилницата се тредјунионисти и зашто сакаат да добиваат помош.
Но ние признаваме дека бројната сила на Работничката партија е предизвикана и од фактот дека таа е творба на онаа школа на мислата вон од границите на која мнозинството од британската работничка класа уште нема излезено, иако се подготвуваат големи промени во умовите на народот, којшто наскоро ќе ја измени таа ситуација...“
„... Британската Работничка партија, слично на социјалистичките организации на другите земји, неизбежно, во текот на природниот развиток на општеството, ќе дојде на власт. задачата на комунистите е да ги градат силите со кои ќе бидат соборени социјал-патриотите, и ние не смееме во нашата земја ништо да ја завлекуваме таа работа ниту да се колебаме. Ние не смееме да ја расфрламе нашата енергија, наголемувајќи ја силата на Работничката партија; нејзиното идење на власт е неизбежно. Ние мораме да ги сосредоточиме своите сили на создавањето на комунистичко движење што ќе ја победи неа. Работничката партија наскоро ќе образува влада; револуционерната опозиција мора да биде готова да нападне на неа...“
И така, либералната буржоазија се откажува од историски, со вековен опит осветлениот — и за експлоататорите необично погоден — систем на „две партии“ (на експлоататорите), сметајќи го за потребно обединувањето на нивните сили за борба против Работничката партија. Дел од либералите, како глувци од кораб што потонува, бегаат во Работничката партија. Левите комунисти сметаат дека преминувањето на власта кон Работничката партија е неизбежно и признаваат дека мнозинството од работниците се сега за неа. Тие оттука го вадат чудниот заклучок којшто другарката Силвија Панкхерст го формулира вака:
„Комунистичката партија не смее да прави компромиси... Таа мора да ја зачува својата доктрина чиста, својата независност од реформизмот неосквернета; нејзината мисија е да врви напред, не запирајќи се и не скршнувајќи од патот, да врви по директниот пат кон комунистичка револуција“.
Напротив, од тоа дека мнозинството од работниците во Англија уште врви зад англиските Керенскиевци или Шајдемановци, дека оно уште немало опит со влада од тие луѓе, опит што ѝ беше нужен и на Русија и на Германија за масовното преминување на работниците кон комунизмот, од тоа несомнено следува дека англиските комунисти мораат да учествуваат во парламентаризмот, мораат однатре во парламентот да и помогнат на работничката маса да ги види на дело резултатите на Хендерсоновата и Сноуденова влада, мораат да им помогнат на Хендерсоновци и Сноуденовци да ги победат обединетите Лојд Џорџ и Черчил. Да се постапи поинаку, значи да се отежни делото на револуцијата, зашто без промена во гледиштата на мнозинството од работничката класа, револуцијата е невозможна, а таа промена ја создава политичкиот опит на масите, а никогаш самата пропаганда. „Без компромиси напред, не скршнувајќи од патот“ — кога тоа го зборува едно очевидно бессилно малцинство од работниците, коешто знае (или во секој случај треба да знае) дека мнозинството за кратко време, при услов Хендерсон и Сноуден да ги победат Лојд Џорџ и Черчил, ќе се разочара во своите водачи и ќе премине кон поддршка на комунизмот (или во секој случај кон неутралност и во поголем дел кон благонаклона неутралност спрема комунистите), — таквата парола очигледно е погрешна. Тоа е исто така како кога 10.000 војници би биле фрлени во бој против 50-илјаден непријател, тогаш кога тие треба да се „запрат“, да „скршат од патот“ дури и да направат „компромис“, само и само за да дочекаат поткрепа од 100 илјади војници коишто не се во состојба да стапат веднаш во акција, а кои треба да пристигнат. Тоа е интелектуална детиништина, а не сериозна тактика на револуционерната класа.
Основниот закон на револуцијата, потврден од сите револуции и посебно од сите три руски револуции во XX век, се состои во ова: за револуцијата не е доволно експлоатираните и угнетени маси да ја сознале невозможноста да живеат на стар начин и да побараат промена; за револуцијата е потребно експлоататорите да не можат да живеат и да управуваат на стариот начин. Дури тогаш кога „низините“ не го сакаат старото и кога „врвовите“ не можат по старо, само тогаш револуцијата може да победи. Поинаку оваа вистина се изразува со зборовите: револуцијата е невозможна без општонационална криза (што ги засега и експлоатираните и експлоататорите): Значи, за револуцијата треба, прво, да се постигне мнозинството од работниците (или во секој случај, мнозинството од свесните, мислечките, политички активни работници) наполно да ја сфати потребата од преврат и да е готово да отиде во смрт за него; второ, владеачките класи да преживуваат криза на владата, којашто (криза) ги вовлекува во политиката дури и најзаостанатите маси (признак на секоја вистинска револуција: брзото удесеторување или дури и стократно наголемување на бројот на способните за политичка борба претставници за работната и угнетена маса, дотогаш апатична) ја ослабува владата и им овозможува на револуционерите бргу да ја соборат.
Во Англија, како што се гледа, меѓу другото, токму од одговорот на Лојд Џорџ, и двата услова за успешна пролетерска револуција очигледно растат. И грешките на левите комунисти сега се двојно опасни, затоа што кај некои револуционери се забележува недоволно простудиран, недоволно внимателен, недоволно свесен, недоволно пресметлив однос кон секој еден од тие услови. Ако сме не револуционерна група туку партија на револуционерната класа, ако сакаме да ги повлечеме по себе масите (а без тоа ризикуваме да останеме просто дрдорковци) ние мораме, прво, да му помогнеме на Хендерсон и Сноуден да ги тепаат Лојд Џорџ и Черчила (поточно дури: да ги присилиме првите да ги тепаат вторите, зашто првите се плашат од својата победа); второ, да му помогнеме на мнозинството од работничката класа да се убеди на сопствен опит во нашата правина, т.е. во полната неспособност на Хендерсоновци и Сноуденовци, во нивната ситнобуржоаска и предавничка природа, во неизбежноста на нивното банкротство; трето, да го приближиме моментот кога врз почвата на разочарувањето на мнозинст вото работници во Хендерсоновци, ќе биде можно, со сериозни шанси за успех, да се собори веднаш владата на Хендерсоновци, којашто уште позбунето ќе се метка таму-ваму, штом дури и најумниот и најсолидниот, не ситнобуржоаскиот, туку крупнобуржоаскиот Лојд Џорџ пројавува полна збунетост и се обессилува сè повеќе и повеќе себеси (и целата буржоазија) вчера со своите „триеници“ со Черчила, денеска со своите „триеници“ со Асквита.
Ќе зборувам поконкретно. Англиските комунисти мораат, според мене, да ги соединат сите свои четири (сите мошне слаби, некои — сосем слаби) партии и групи во една Комунистичка партија врз базата на принципите на Третата интернационала и задолжителното учество во парламентот. Комунистичката партија им предлага на Хендерсоновци и Сноуденовци „компромис“, изборна спогодба: одиме заедно против сојузот на Лојд Џорџ и конзервативците, ги делиме пратеничките места според бројот на гласовите што ги дале работниците за Работничката партија или за комунистите (не на изборите, туку при посебно гласање), зачувуваме најполна слобода на агитација, пропаганда, политичка работа. Без последниов услов, се разбира, не треба да се влегува во блок, зашто тоа ќе биде предавство: англиските комунисти мораат исто така апсолутно да ја бранат и ја одбранат полната слобода за разобличување на Хендерсоновци и Сноуденовци како што ја бранеа (петнаесет години, 1903—1917) и ја одбранија руските болшевици во однос на руските Хендерсоновци и Сноуденовци, т.е. меншевиците.
Ако Хендерсоновците и Сноуденовци влезат во блок при тие услови, тогаш ние сме спечалиле, зашто за нас воопшто не е важен бројот на местата во парламентот, ние не копнееме за тоа, ние по таа точка ќе бидеме попустливи (а Хендерсоновци и особено нивните нови пријатели — или нивните нови господари — либералите, преминати во Независната работничка партија, најмногу копнеат за тоа). Ние сме спечалиле, зашто својата агитација ќе ја пренесеме во масите во моментот кога самиот Лојд Џорџ ги „подбудил“ и ќе ѝ помогне не само на Работничката партија поскоро да состави своја влада, туку и на масите поскоро да ја сфатат сета наша комунистичка пропаганда што ќе ја водиме против Хендерсоновци, без секакви скратувања, без секакви премолчувања.
Ако Хендерсоновци и Сноуденовци го отфрлат блокот со нас при овие услови, ние сме спечалиле уште повеќе. Зашто сме им покажале веднаш на масите (забележете дека дури во чисто меншевичката, наполно опортунистичка Независна работничка партија масата е за советите), дека Хендерсоновци ги претпочитаат своите блиски односи со капиталистите одошто обединувањето на своите работници. Ние сме спечалиле веднаш пред масата, којашто особено по блескавите и многу правилни, многу полезни (за комунизмот) разјаснувања на Лојд Џорџ ќе има симпатии кон обединувањето на сите работници против сојузот на Лојд Џорџ со конзервативците. Ние сме спечалиле веднаш, зашто сме им покажале на масите дека Хендерсоновци и Сноуденовци се плашат да го победат Лојд Џорџа, се плашат да ја земат власта сами, се стремат скришно да добијат поддршка од Лојд Џорџ, којшто отворено подава рака кон конзервативците против Работничката партија. Треба да се одбележи дека кај нас во Русија, по револуцијата од 27. II. 1917 (стар стил) пропагандата на болшевиците против меншевиците и есерите (т.е. руските Хендерсоновци и Сноуденовци) добиваше токму поради истата околност. Ние им велевме на меншевиците и есерите: земете ја сета власт без буржоазијата, зашто вие имате мнозинство во своите (на Првиот серуски конгрес на советите во јуни 1917 год. болшевиците имаа сè на сè 13% од гласовите). Но руските Хендерсоновци и Сноуденовци се плашеа да ја земат власта без буржоазијата, и кога буржоазијата ги завлекуваше изборите за Уставотворното собрание, знаејќи добро дека тоа ќе им даде мнозинство на есерите и болшевиците[3] (едните и другите беа во најтесен политички блок, претставуваа всушност една ситнобуржоаска демократија), есерите и меншевиците немаа сили да се борат енергично и до крај против тоа завлекување.
Ако Хендерсоновците и Сноуденовци го одбијат блокот со комунистите, комунистите би спечалиле веднаш во однос на освојувањето на симпатиите на масите и дискредитирањето на Хендерсоновци и Сноуденовци, а ако поради тоа загубиме неколку пратенички места, тоа воопшто не е важно за нас. Ние би истакнале свои кандидати само во најмал број апсолутно сигурни окрузи, т.е. каде што истакнувањето на наши кандидати не би го помогнало либералот против лабурисот (членот на Работничката партија). Ние би воделе изборна агитација, ширејќи летци во полза на комунизмот и предлагајќи во сите окрузи каде што нема наш кандидат, да се гласа за лабурисот против буржујот. Грешат другарката Панкхерст и другарот Галахер ако во тоа гледаат предавство или откажување од борба против социјал-предавниците. Напротив, од тоа делото на комунистичката револуција, несомнено, би добило.
На англиските комунисти сега им е многу често тешко дури и да се доближат до масата, дури и да ја натераат да ги ислуша. Ако јас истапувам како комунист и изјавувам дека повикувам да се гласа за Хендерсон против Лојд Џорџ, мене сигурно ќе ме слушаат. И јас ќе можам популарно да објаснам не само зошто се советските подобри од парламентот и диктатурата на пролетаријатот е подобра од диктатурата на Черчила (прикриена со фирмата на буржоаската „демократија“), но исто така и тоа дека јас би сакал со своето гласање да го поддржам Хендерсон точно онака како што јажето го поддржува обесениот; — дека приближувањето на Хендерсоновци кон нивна сопствена влада ќе ја докаже исто онака мојата правина, ќе ги привлече исто онака масите на моја страна, ќе ја забрза исто онака политичката смрт на Хендерсоновци и Сноуденовци како што беше тоа со нивните едномисленици во Русија и Германија.
И ако ми опонираат: тоа е многу „итра“ и комплицирана тактика, неа масите нема да ја разберат, таа ќе ги растури, ќе ги раздроби нашите сили, ќе попречи да ги сосредоточиме нив на советска револуција итн., јас ќе им одговорам на „левите“ опоненти: — не стоварувајте го своето доктринерство врз масите! Сигурно е дека во Русија масите не се повеќе, туку се помалку културни одошто во Англија. Па сепак масите ги разбраа болшевиците; и на болшевиците не им попречи, туку им помогна околноста што тие во предвечерината на советската револуција, во септември 1917 година, истакнуваа свои листи на кандидати за буржоаскиот парламент (Уставотворното собрание), а утредента по советската револуција, во ноември 1917 година, учествуваа во изборите за истото тоа Уставотворно собрание, коешто на 5 јануари 1918 година го растераа.
Јас не можам овде да се запирам на втората разногласица помеѓу англиските комунисти — дали тие да се присоединат или не кон Работничката партија. Јас имам мошне малку материјал за ова прашање, коешто е особено комплицирано поради извонредната оригиналност на британската „Работничка партија“, која по самата своја структура мошне личи на обичните политички партии на европскиот континент. Несомнено е само, прво, дека и во тоа прашање ќе падне неизбежно во грешка оној што ќе му падне на ум да ја изведува тактиката на револуционерниот пролетаријат од принципите како што се: „комунистичката партија мора да ја чува својата доктрина чиста, а својата независност од реформизмот неосквернета; нејзината мисија е да оди напред, не запирајќи се и не скршнувајќи од патот, да оди по директниот пат кон комунистичката револуција“. Зашто ваквите принципи само ја потврдуваат грешката на француските комунари-бланкисти, коишто во 1874 година проповедаа „отфрлање“ на секакви компромиси и секакви меѓустаници. Второ, несомнено да умееме да ги примениме општите и основни принципи на комунизмот кон онаа своеобразност на односите помеѓу класите и партиите, кон онаа своеобразност во објективниот развиток накај комунизмот која што ѝ е својствена на секоја одделна земја и која треба да умееме да ја проучиме, да ја найдеме, да ја одгатнеме.
Но за тоа ќе треба да се зборува не во врска со англискиот комунизам, туку во врска со општите заклучоци што се однесуваат на развитокот на комунизмот во сите капиталистички земји. Кон таа тема ние и преминуваме.
Белешки
[1] „Workers’ Dreadnought“ — Ред. ↑
[2] Таа партија е, изгледа, против присоединувањето кон „Работничката партија“, но не е сега против учеството во парламентот. ↑
[3] Изборите за Уставотворното собрание во Русија во ноември 1917 год., коишто, според податоците, опфаќаа над 36 милиони избирачи, им дадоа 25% од гласовите на болшевиците, 13 % на разните партии на помешчиците (земјопоседниците) и буржоазијата, 62% на ситнобуржоаската демократија, т.е. на есерите и меншевиците, заедно со други ним сродни мали групи. ↑