Ние видовме, во цитатот од франкфуртската брошура, со каква решителност ја издигаат „левите“ оваа парола. Жално е да се гледа како луѓе што без сомнение се сметаат себеси за марксисти и сакаат да бидат марксисти, ги заборавиле основните вистини на марксизмот. Еве што пишуваше во 1874 година против манифестот на 33-ојцата комунари-бланкисти Енгелс, којшто спаѓаше, како Маркс, во оние ретки, мошне ретки писатели кај кои во секоја реченица на секој нивни крупен труд има вонредна длабочина на содржината:
„... Ние сме комунисти“ (пишуваа во својот манифест комунарите-бланкисти) „затоа што сакаме да ја постигнеме својата цел не запирајќи се на меѓустаниците, не одејќи на компромиси, коишто само го оддалечуваат денот на победата и го продолжуваат периодот на ропството“.
Германските комунисти се комунисти, затоа што тие преку сите меѓустаници и компромиси, создадени не од нив туку од текот на историскиот развиток, јасно ја гледаат и постојано ја следат конечната цел: уништувањето на класите и создавањето на таков општествен систем во кој нема да има веќе место за приватната сопственост над земјата и над сите средства за производство. Триесет и тројцата бланкисти се комунисти, затоа што си вообразуваат: штом тие сакаат да ги прескокнат меѓустаниците и компромисите, тогаш работата е свршена, па дека ако — во што се тие цврсто уверени — овие дни „се почне“, и власта се најде во нивни раце, тогаш утредента „комунизмот ќе биде воведен“. Спрема тоа, ако тоа не може да се стори веднаш, тогаш тие не се ни комунисти.
Каква детинска наивност — „да ја истакнуваш својата сопствена нестрпливост како теоретски аргумент!“ (Фр. Енгелс, „Програмата на комунарите-бланкисти“, од германскиот социјалдемократски весник „Volksstaat“, 1874, бр. 73, во зборникот: „Статии 1871—1875 г.“, руски превод, Петр. 1919, стр. 52—53).
Енгелс во истата статија го изразува своето длабоко уважение кон Вајан и зборува за „беспорната заслуга“ на Вајан (којшто беше, како Гед, многу крупен водач на меѓународниот социјализам, до нивното предавство на социјализмот во август 1914 година). Но очигледната грешка Енгелс не ја остава без подробна анализа. Се разбира, на мошне младите и неопитни револуционери, како и на ситнобуржоаските револуционери дури и на доста уважена возраст и мошне опитни, им се чини извонредно „опасно“, несфатливо, неправилно да се „допуштаат компромиси“. И многумина „опитни“ политиканти) токму како англиските водачи на опортунизмот што ги спомна другарот Ленсбери: „ако на болшевиците им се дозволува таков и таков компромис, зошто нам да не ни се дозволат какви и да било компромиси?“ Но пролетерите, воспитени од многукратните штрајкови (да ја земеме само таа пројава на класната борба), обично многу добро ја сфаќаат извонредно длабоката (филозофска, историска, политичка, психолошка) вистина што ја изложи Енгелс. Секој пролетер доживувал штрајк, доживувал „компромиси“ со омразните потисници и експлоататори, кога работниците морале да се вратат на работа или не постигајќи ништо, или согласувајќи се на делумно задоволување на своите барања. Секој пролетер, благодарејќи на услите на масовната борба и силното заострување на класните спротивности во кои живее, ја гледа разликата помеѓу компромисот наложен од објективните услови (касата на штрајкувачите е сиромашна, поддршка од страна нема, тие се нагладувале и се намачиле до невозможност) — компромис којшто ни најмалку не ја смалува револуционерната преданост и готовноста за понатамошна борба на работниците што правеле таков компромис — и, од друга страна, компромисот на предавниците коишто својот груб егоизам (и штрајкбрехерите прават „компромис“!), својата страшливост, својата желба да им се допаднат на капиталистите, својата податливост на заплашувањата, понекогаш на наговарањата, понекогаш на милостината, понекогаш на ласкањата од страна на капиталистите ги фрлаат врз објективните причини (такви компромиси на предавниците особено многу ни дава историјата на англиското работничко движење во лицето на водачите на англиските тредјуниони, но во една или друга форма речиси сите работници од сите земји виделе аналогна појава).
Се разбира, има поединечни исклучително тешки и сложени случаи кога само со најголеми усилби се успева правилно да се определи вистинскиот карактер на еден или друг „компромис“ — како што има случаи на убиство — кога е многу тешко да се реши дали тоа било наполно оправдано и дури и нужно убиство (на пр. во нужна самоодбрана) или непростима небрежност или дури и рафинирано спроведен подмолен план. Се разбира, во политиката, каде што понекогаш се работи за крајно сложени — национални и интернационални — заемни односи меѓу класите и партиите, ќе има премногу случаи далеку потешки од прашањето за оправданиот „компромис“ при штрајк или за предавничкиот „компромис“ на штрајкбрехерот, на водачот-предавник итн. Да се направи таков рецепт или такво општо правило („никакви компромиси“!) коешто би важело за сите случаи е апсурд. Треба да имаш сопствена глава на рамена за да умееш да се снајдеш во секој одделен случај. Меѓу другото, значењето на партиската организација и на партиските водачи што го заслужуваат тоа име и се состои во тоа што долготрајна, упорна, разнообразна, сестрана работа на сите претставници на дадена класа[1] коишто мислат се создаваат потребните знаења, потребниот опит, потребниот — освен знаењата и опитот — политички усет за брзо и правилно решавање на сложените политички прашања.
Наивните и сосема неопитни луѓе се вообразуваат дека е доволно да се признае допуштеноста на компромисите воопшто, па ќе биде избришана секоја гра ница меѓу опортунизмот, против кој ние водиме и мораме да водиме непомирлива борба, и револуционерниот марксизам или комунизмот. Но на такви луѓе, ако тие не знаат дека сите граници и во природата и во општеството се подвижни и до извесна мера условни, не може да им се помогне со ништо друго освен со долготрајно обучување, воспитување, просветување, со политички и животен опит. Во практичните прашања на политиката на секој одделен или специфичен историски момент важно е да умееш да ги изделуваш оние во кои се пројавува главниот вид недопустиви, предавнички компромиси, коишто го овоплотуваат погубниот за револуционерната класа опортунизам и, во борбата против нив, да се насочат сите усилби за нивно разобличување. Во времето на империјалистичката војна 1914—1918 година меѓу двете групи еднакво разбојнички и грабачки земји, такивот главен, основен вид опортунизам беше социјал-шовинизмот, т.е. поддршката на „одбраната на татковината“, што во една таква војна фактички беше исто што и одбрана на грабачките интереси на „својата“ буржоазија. По војната — одбраната на грабачкото „Друштво на народите“; одбраната на директните или индиректните сојузи во буржоазијата на својата земја против револуционерниот пролетаријат и „советското“ движење; одбрана на буржоаската демократија и на буржоаскиот парламентаризам против „советската власт“; — тоа беа главните пројави на оние недопустиви и предавнички компромиси, коишто, збрани заедно, даваа опортунизам погубен за револуционерниот пролетаријат и за неговото дело.
„... Со сета решителност да се отфрли секој компромис со другите партии... секоја политика на лавирање и пактирање“ — пишуваат германските леви во франкфуртската брошура.
Чудно е што при таквите сфаќања тие леви не го осудат решително болшевизмот! Та не може да биде германските леви да не знаат дека целата историја на болшевизмот, и пред и по Октомвриската револуција, е полна случаи на лавирање, пактирање, компромис со другите, вклучувајќи ги тука и буржоаските партии!
Да водиш војна за соборување на меѓународната буржоазија, војна со стопати потешка, подолга, посложена од најупорната меѓу обичните војни помеѓу државите, и при тоа однапред да се откажуваш од лавирање, од исползување на противречноста на интересите (па била таа и времена) меѓу непријателите, од пактирање и компромиси со можните (макар времени, несигурни, колебливи, условни) сојузници, зарем тоа не е бескрајно смешно? Зарем тоа не прилега како кога при тешкото искачување на некоја уште неискачена планина однапред би сме се откажале од тоа да одиме понекогаш во зигзаг, понекогаш да се враќаме назад, да се откажуваме од еднаш одбраниот правец и да обидуваме различни правци? И луѓе што се толку малку свесни и неопитни (добро е уште ако тоа се објаснува со нивната младост; на младите самиот господ им наредил да говорат во тек на извесно време такви глупости), можеле да добиваат поддршка — секриена, целосна или делумна — од некои членови на холандската Комунистичка партија!!
По првата социјалистичка револуција на пролетаријатот, по соборувањето на буржоазијата во една земја, пролетаријатот на таа земја си останува долго време послаб од буржоазијата, просто веќе поради нејзините огромни интернационални врски, а потоа и поради стихијното и постојано обновување, преродување на капитализмот и буржоазијата од страна на ситните стоковни производители на земјата во која е соборена буржоазијата. Посилниот противник може да се по беди само со најголемо напрегање на силите и со задолжително, најревносно, најгрижливо, најпретпазливо, највешто исползување како на секоја, па и најмала, „пукнатина“ меѓу непријателите, на секоја спротивност во интересите меѓу буржоазијата од разни земји, меѓу разни групи или видови буржоазија во одделни земји, така и на секоја, дури и најмала, можност да добиеме масовен сојузник, па бил тој дури и времен, колеблив, несигурен, ненадежен, условен. Којшто го нема ова сфатено, тој не фатил ни ронка од марксизмот и од научниот модерен социјализам воопшто. Којшто нема докажано практично, во доста долг период и во доста разнообразни политички ситуации дека умее да ја применува таа вистина на дело, тој уште нема научено да й помага на револуционерната класа во нејзината борба за ослободување на целото работно човештво од експлоататорите. И реченото се однесува еднакво на периодот пред и по заземањето на политичката власт од страна на пролетаријатот.
Нашата теорија не е догма, туку руководство за акција — зборуваа Маркс и Енгелс, и најголемата грешка, најголемото злосторство на таквите „патентирани“ марксисти како што се Карл Кауцки, Ото Бауер и др. е тоа дека тие не го сфатија тоа, не умееја да го применат во најважните моменти на револуцијата на пролетаријатот. „Политичката дејност не е тротоарот на Невскиот проспект“ (чист, широк, рамен тротоар на совршено правата главна улица во Петроград), велеше уште великиот руски социјалист од демарксистичкиот период Н. Г. Чернишевски. Руските револуционери, од времето на Чернишевски наваму, го платија со неизбројни жртви игнорирањето или заборавањето на таа вистина. По секоја цена ние мораме да постигнеме левите комунисти и на работничката класа преданите револуционери од Западна Европа и Америка, да не платат така скапо за усвојувањето на таа вистина како заостанатите Руси.
Руските револуционерни социјадемократи пред паѓањето на царизмот не еднаш се користеа од услугите на буржоаските либерали, т.е. правеа со нив маса практични компромиси, а во 1901—1902 г., уште пред настанувањето на болшевизмот, старата редакција на „Искра“ (во таа редакција беа: Плеханов, Акселрод, Вера Засулич, Потресов и јас) правеше (навистина не за долго) формален политички сојуз со Струве, политички водач на буржоаскиот либерализам, умеејќи истовремено да води, непрекиндливо, најбеспоштедна идејна и политичка борба против буржоаскиот либерализам и против најситните пројави на неговото влијание во самото работничко движење. Болшевиците секогаш ја продолжуваа таа политика. Од 1905 година наваму тие систематски се бореа за сојуз на работничката класа со селанството против либералната буржоазија и царизмот, не откажувајќи се истовремено никогаш да ја поддржуваат буржоазијата против царизмот (на пр. во вториот стадиум на изборите или при потесните избори) и не прекинувајќи ја својата најнепомирлива идејна и политичка борба против буржоаско-револуционерната селанска партија, „социјалистите-револуционери“, разобличувајќи ги како ситнобуржоаски демократи коишто погрешно се сметаат себеси за социјалисти. Во 1907 година болшевиците направија за кратко време формален политички блок на изборите за Думата со „социјалистите-револуционери“. Со меншевиците ние бевме од 1903 до 1912 год. по неколку години формално во единствена социјалдемократска партија, не прекинувајќи ја никогаш идејната и политичката борба против нив како против спроводници на буржоаското влијание врз пролетаријатот и опортунисти. Во времето на војната правевме извесен компромис со „кауцкијанците“, со левите меншевици (Мартов) и дел од „социјалистите-револуционери“ (Чернов, Натансон), заседавајќи заедно со нив во Цимервалд и Кинтал и издавајќи заеднички манифести, но никогаш не ја запиравме и не ја ослабувавме идејно-политичката борба против „кауцкијанците“, против Мартовци и Черновци (Натансон умре во 1919 година, веќе како наполно близок до нас, речиси солидарен со нас „револуционер комунист“ народник). Во самиот момент на Октомврискиот преврат ние склучивме не формален туку мошне важен (и мошне успешен) политички блок со ситнобуржоаското селанство, примајќи ја во целост, без ниедна измена, есеровската аграрна програма, т.е. направивме несомнен компромис, за да им докажеме на селаните дека не сакаме нивно мајоризирање, туку сакаме спогодба со нив. Едновремено им предложивме (и наскоро остваривме) формален политички блок, со учество во владата на „левите есери“, коишто го раскинаа тој блок со нас по склучувањето на Брестскиот мир и потоа стигнаа до вооружено востание против нас во јули 1918 година и подоцна до вооружена борба против нас.
Затоа е разбирливо дека нападите на германските леви против Цека на партијата на комунистите во Германија за тоа што тој ја допушта помислата за блок со „независните“ (Независната социјалдемократска партија на Германија, кауцкијанците), ни изгледаат сосем несериозни и како напади докажуваат дека „левите“ немаат право. Кај нас во Русија исто така имаше десни меншевици (тие беа во владата на Керенски), коишто им одговараат на германските Шајдемановци, и леви меншевици (Мартов), коишто беа во опозиција спрема десните меншевици и кои им одговараат на германските кауцкијанци. Постепеното преминување на работничките маси од меншевиците кон болшевиците ние го гледавме јасно во 1917 година: на Првиот серуски конгрес на советите, во јуни 1917 година, ние имавме сè на сè 13%. Мнозинство имаа есерите и меншевиците. На Вториот конгрес на советите (25. X. 1917, по стариот стил) ние имавме 51% од гласовите. Зошто во Германија едно исто такво, наполно еднородно стремље не доведе веднаш до засилување на комунистите, туку отпрвин до засилување на партијата што стои насреде, партијата на „независните“, иако таа партија никогаш немала никакви самостојни политички идеи, никаква самостојна политика туку само се колебаше меѓу Шајдемановци и комунистите?
Очевидно, една од причините беше погрешната тактика на германските комунисти, коишто треба не плашејќи се и чесно да ја признаат таа грешка и да се научат да ја поправат. Грешката се состоеше во фрлањето на учеството во реакционерниот, буржоаскиот парламент и во реакционерните синдикати, грешката се состоеше во многубројните пројави на таа „лева“ детска болест, којашто сега излезе на видело и која толку подобро, толку побрзо, со толку поголема полза за организмот ќе биде излекувана.
Германската „Независна социјадемократска партија“ очевидно е нехомогена: покрај старите опортунистички водачи (Кауцки, Хилфердинг и, во значителна мера, очевидно, Криспин, Ледебур и др.), коишто ја докажаа својата неспособност да го сфатат значењето на советската власт и на диктатурата на пролетаријатот, својата неспособност да ја раководат неговата револуционерна борба, во таа партија се образува и чудесно брзо расте левото, пролетерското крило. Стотина илјади членови на таа партија (којашто, има, изгледа, 750 илјади членови) се пролетери што го напуштаат Шајдемана и брзо одат накај комунизмот. Тоа пролетерско крило веќе предлагаше на Лајпцишкиот (1919 г.) конгрес на независните неодложно и безусловно присоединување кон Третата нала. Да се плашиме од „компромис“ со тоа крило на партијата е просто смешно. Напротив, задолжително е комунистите да бараат и да најдат погодна форма за компромис со нив, за таков компромис којшто, од една страна, би го олеснувал и забрзувал неопходното полно слевање со тоа крило, а од друга страна, со ништо не би ги смеќавал комунистите во нивната идејно-политичка борба против опортунистичкото десно крило на „независните“. Веројатно, не ќе биде лесно да се изработи погодна форма за компромис, но само шарлатан би можел да им вети на германските работници и на германските комунисти „лесен“ пат кон победата.
Капитализмот не би бил капитализам кога „чистиот“ пролетаријат не би бил окружен од маса извонредно разнообразни преодни типови од пролетерот кон полупролетерот (оној што стекнува средства за живеење наполу од продажбата на работната сила), од полупролетерот кон ситниот селанец (и ситниот занаетчија, кустарот[2] ситниот поседник воопшто), од ситниот селанец кон средниот итн., кога во самиот пролетаријат не би имало делби на повеќе и помалку развиени слоеви, делби регионални, струковни, понекогаш верски итн. А од сето тоа произлегува потребата, апсолутната и безусловна потреба за авангардата на пролетаријатот, за неговиот совесен дел, за комунистичката партија, да прибегнува кон лавирање, пактирање, компромиси со разните групи пролетери, со разните партии на работниците и ситните поседници. Сета работа е во тоа да умееме да ја применуваме таа тактика за издигање, а не за спуштање на општото ниво на пролетерската свест, револуционерност, способност за борба и за победа. Треба да се одбележи, меѓу другото, дека победата на болшевиците над меншевиците бараше не само пред Октомвриската револуција од 1917 година, туку и по неа, да се применува тактиката на лавирање, на пактирање, на компромис, се разбира, на такви и на такви коишто ги олеснуваат, забрзуваат, зацврстуваат, засилуваат болшевиците за сметка на меншевиците. Ситнобуржоаските демократи (и меѓу нив меншевиците) неизбежно се колебаат меѓу буржоазијата и пролетаријатот, меѓу буржоаската демократија и советскиот систем, меѓу реформизмот и револуционерниот, меѓу симпатиите кон работниците и стравот од пролетерската диктатура итн. Правилната тактика на комунистите мора да се состои во искористувањето, никако не во игнорирање на тие колебања; искористувањето бара отстапки на оние елементи тогаш и до толку, кои, кога и до колку се свртуваат кон пролетаријатот, — наедно со борбата против оние што се свртуваат кон буржоазијата. Во резултат на применувањето на правилната тактика, меншевизмот кај нас сè повеќе се распаѓаше и се распаѓа, изолирајќи ги упорно опортунистичките водачи и преведувајќи ги најдобрите работници, најдобрите елементи од ситнобуржоаската демократија во нашиот лагер. Тоа е долг процес, и со на брзина донесеното „решение“: „никакви компромис, никакво лавирање“ може само да му се нанесе штета на засилувањето на влијанието на револуционерниот пролетаријат и наголемувањето на неговите сили.
Најпосле, една од несомнените грешки на „левите“ во Германија е нивното праволиниско инсистирање да не се признава Версајскиот мир. Колку „посолидно“ и „поважно“, колку „порешително“ и побезапелационо го формулира тоа гледиште, на пр., К. Хорнер, толку понеумно тоа излегува. Не е доволно да се откажеш од ужасните бесмислици на „националниот болшевизам“ (на Лауфенберг и др.), којшто се искажува дури за блок со германската буржоазија за војна против Антантата, во современите услови на меѓународната пролетерска револуција. Треба да се сфати дека е откорен погрешна тактиката што не допушта дека за советска Германија (ако наскоро би поникнала советска германска република) ќе биде задолжително за извесно време да го признава Версајскиот мир и да му се потчинува. Од ова не следува дека „независните“ беа прави поставувајќи го, додека во владата седеа Шајдемановци, додека советската власт во Унгарија уште не беше соборена, додека уште не беше исклучена можноста за помош од страна на една советска револуција во Виена за поддршка на советска Унгарија, — поставувајќи го во тогашните услови барањето да се потпише Версајскиот мир. Тогаш „независните“ лавираа и маневрираа многу лошо, зашто земаа на себе поголема и помала одговорност за предавниците Шајдемановци, се стркалуваа, повеќе или помалку, од гледиштето на беспоштедната (и најладнокрвна) класна војна против Шајдемановци кон „бескласното“ или „наткласното“ гледиште.
Но сега ситуацијата е очигледно таква што комунистите на Германија не смеат да си ги врзат рацете и да веќаваат задолжително и безусловно отфрлање на Версајскиот мир во случај да победи комунизмот. Тоа би било глупо. Треба да се рече: Шајдемановци и кауцкијанците извршија ред предавства коишто го отежнаа (делум: просто погубија) создавањето сојуз со Советска Русија, со Советска Унгарија. Ние комунистите ќе го олеснуваме и ќе го подготвуваме со сите средства таков сојуз, при што Версајскиот мир воопшто не сме должни безусловно да го отфрламе и при тоа веднаш. Можноста да биде тој успешно отфрлен зависи не само од германските, туку и од меѓународните успеси на советското движење. Шајдемановци и кауцкијанците му пречеа на тоа движење, ние му помагаме. Ете во што е суштината на работата, ете во што е основната разлика. И ако нашите класни непријатели, експлоататорите, и нивните лажеи, Шајдемановци и Кауцкијанците, испуштија цела низа можности да го засилат германското и меѓународното светско движење, да ја засилат и германската и меѓународната советска револуција, тогаш вината паѓа врз нив. Советската револуција во Германија ќе го засили меѓународното советско движење, коешто е најсилниот бедем (и единствениот сигурен, непобедлив, светски моќен бедем) против Версајскиот мир, против меѓународниот империјализам воопшто. Да се става ослободувањето од Версајскиот мир задолжително и безусловно и веднаш на прво место пред прашањето за ослободувањето на другите од империјализмот угнетени земји од под гнетот на империјализмот, е малограѓански национализам (достоен за Кауцкиевци, Хилфердинговци, Ото Бауеровци и комп.), а не револуционерен интернационализам. Со буржоазијата во која и да е од големите европски земји, меѓу нив и во Германија, е таков плус за меѓународната револуција, што заради него можеме и мораме да се согласиме — ако тоа биде потребно — со едно подолго постоење на Версајскиот мир. Ако Русија можеше сама, со полза за револуцијата да го издржи неколку месеца Брестскиот мир, тогаш нема ништо невозможно во тоа Советска Германија, во сојуз со Советска Русија, да го издржи со полза за револуцијата подолгото постоење на Версајскиот мир.
Империјалистите на Франција, Англија итн. ги провоцираат германските комунисти, им поставуваат стапица: „кажете дека нема да го потпишете Версајскиот мир“. А левите комунисти, како деца, се фаќаат во поставената стапица, наместо вешто да маневрираат против подмолниот и во дадениот момент посилен непријател, наместо да му речат: „сега ќе го потпишеме Версајскиот мир“. Да си ги врзуваме однапред рацете, да му кажуваме отворено на непријателот којшто е сега вооружен подобро од нас дали ќе војуваме со него и кога, тоа е глупост а не револуционерност. Да го прифатиме бојот кога е тоа очигледно погодно за непријателот а не за нас, тоа е злосторство, и не чинат апсолутно ништо таквите политичари на револуционерната класа коишто не ќе умеат да извршат „лавирање, пактирање, компромиси“, за да избегнат една очигледна незгодна битка.
Белешки
[1] Во секоја класа, дури и во условите на најпросветената земја, дури и во најнапредната класа, што околностите на моментот ја имаат ставено во положба на исклучително висок полет на сите духовни сили, секогаш има — и додека постојат класи, додека бескласното општество наполно не се зацврстило, не се консолидирало, не се развило врз својата сопствена основа, неминовно ќе има — претставници на класата што не мислат и што не се способни да мислат. Ако тоа не беше така, капитализмот не ќе беше капитализам којшто ги угнетува масите. ↑
[2] Вид куќен занаетчија на село — Ред. ↑