Прво и главно во борбата против опортунизмот, којшто во 1914 година дефинитивно прерасна во социјајал-шовинизам, дефинитивно премина на страната на буржоазијата против пролетаријатот. Природно, тоа беше главниот непријател на болшевизмот во работничкото движење. Овој непријател останува главен и во меѓународни размери. На овој непријател болшевизмот му посветуваше и му посветува најмногу внимание. Оваа страна од дејноста на болшевиците сега веќе доста добро е позната и во странство.
Друго треба да се рече за еден друг непријател на болшевизмот во работничкото движење. Во странство уште мошне, мошне недоволно знаат дека болшевизмот израсна, се оформи и се закали во долгогодишната борба против ситнобуржоаската револуционерност, којашто прилега на анархизмот или зема нешто од него, којашто отстапува во нешто суштествено од условите и барањата на доследната пролетерска класна борба. Теоретски за марксистите е наполно утврдено — и со опитот на сите европски револуции и револуционерни движења наполно е потврдено — дека ситниот сопственик, ситниот поседник (социјален тип којшто во европските земји мошне широко, масовно е застапен), којшто, испитувајќи под капитализмот постојано угнетување и мошне често неверојатно остро и брзо влошување на животот и разорување, лесно преминува кон крајна револуционерност, но е неспособен да пројави владеење со себе, организираност, дисциплина, упорност. Ситниот буржуј, „побеснет“ од ужасите на капитализмот — тоа е една социјална појава својствена, како и анархизмот, на сите капиталистички земи. Непостојаноста на таквата револуционерност, нејзината бесплодност, својството да се претвора брзо во покорност, апатија, фантастика, дури и во „бесен“ занес по оваа или онаа буржоаска „помодна“ струја — сето тоа е општо познато. Но теоретското, апстрактното, признавање на овие вистини ни најмалку уште не ги избавува револуционерните партии од старите погрешки коишто се јавуваат секогаш по неочекуван повод, во донекаде нова форма, во порано невидена облека или придружба, во оригинална — повеќе или помалку оригинална — ситуација.
Анархизмот неретко беше еден вид казна поради опортунистичките гревови на работничкото движење. И двете изопачености се дополнуваа една со друга. И ако во Русија, и покрај повеќе ситнобуржоаски состав на нејзиното население во споредба со европските земји, анархизмот во периодот на двете револуции (1905 и 1917) и во времето на подготовката за нив имаше релативно незначително влијание, тоа, несомнено, треба да му се припише делум во заслуга на болшевизмот, којшто секогаш водеше најбеспоштедна и најнепомирлива борба против опортунизмот. Велам „делум“, зашто уште поважна улога за слабеењето на анархизмот во Русија изигра тоа што тој во минатото (во 70-тите години на XIX век) имаше можност да се развие необично бујно и да ја раскрие докрај својата неправилност, својата непогодност како раководна теорија на револуционерната класа.
Болшевизмот ја презеде при своето настанување во 1903 година традицијата на беспоштедна борба против ситнобуржоаската, полуанархистичката (или способна да кокетира со анархизмот) револуционерност, каква што традиција имало секогаш во револуционерната социјалдемократија и којашто особено се зацврсти кај нас во 1900—1903 година, кога се поставуваа темелите на масовната партија на револуционерниот пролеторијат во Русија. Болшевизмот ја презеде и ја продолжуваше борбата против партијата којашто најмногу ги изразуваше тенденциите на ситнобуржоаската револуционерност, имено против партијата на „социјалистите-револуционери“, по три главни точки. Прво, таа партија, којашто го негираше марксизмот, никако не сакаше (или поточно ќе биде ако речеме: не можеше) да ја сфати потребата да се води строго објективна сметка за класните сили и нивниот заемен однос пред секоја политичка акција. Второ, таа партија ја гледаше својата особена „револуционерност“ или „левичарство“ во признавањето на индивидуалниот терор, на атентатите што ние, марксистите, решително го отфрлавме. Се разбира, ние не го отфрлавме индивидуалниот терор по причини на целесообразност, за луѓето што би биле кадарни „принципиелно“ да го осудуваат теророт на Великата француска револуција или воопшто теророт од страна на победоносната револуционерна партија, опсадена од буржоазијата од целиот свет, таквите луѓе уште Плеханов во 1900—1903 година, кога беше марксист и револуционер, ги изложуваше на потсмев и поруга. Трето, „социјалистите-револуционери“ гледаа „левичарство“ во тоа што им се потсмеваа на релативно малите опортунистички гревови на германската социјалдемократија, а наедно со тоа ги подражаваа крајните опортунисти од истата таа партија, на пример во аграрното прашање или во прашањето за диктатурата на пролетаријатот.
Историјата, патем речено, го потврди сега во крупни, светскоисториски размери мислењето коешто ние секогаш сме го бранеле, имено дека револуционерната германска социјалдемократија (забележете дека уште Плеханов во 1900—1903 година бараше да се исклучи Бернштајн од партијата, а болшевиците, продолжувајќи ја секогаш таа традиција, ја разобличуваа сета нискост, подлост и предавство на Легиен) — дека револуционерната германска социјалдемократија беше најблиску до таквата партија каква што му е потребна на револуционерниот пролетаријат за да може тој да победи. Сега, во 1920 година, по сите срамни крахови и кризи во епохата на војната и во првите години по војната, јасно се гледа дека од сите западни партии токму германската револуционерна социјалдемократија даде најдобри водачи и дека таа порано од другите одново се крена, се излекува и закрепна. Тоа се гледа и од партијата на спартаковците и од левото, пролетерското крило на „Независната социјалдемократска партија во Германија“, коешто води непоколеблива борба против опортунизмот и бескарактерноста на Кауцкиевци, Хилфердинговци, Ледебуровци, Криспиновци. Ако сега фрлиме општ поглед врз наполно завршениот историски период, имено: од Париската комуна до првата Социјалистичка Советска Република, тогаш воопшто односот на марксизмот кон анархизмот се оцртува совршено определено и беснорно. На крајот на краиштата марксизмот излезе прв, и ако анархистите со право укажуваа на опортунистичноста на погледите за државата што владееја кај мнозинството од социјалистичките партии, таа опортунистичност, прво, беше сврзана со изопачувањето, дури и со директното скривање на Марксовите погледи за државата (во мојата книга „Државата и револуцијата“ одбележав дека Бебел триесет и шест години, од 1875 до 1911 година, го држел во фиока писмото на Енгелса во кое особено релјефно, остро, директно, јасно се разобличуваше опортунизмот на вообичаените социјалдемократски погледи за државата); второ, поправањето на тие опортунистички погледи, признавањето на советската власт и нејзината премоќ над буржоаската парламентарна демократија, сето тоа доаѓаше најбрзо и најшироко токму од пазувата на најмарксистичките струи во европските и американските социјалистички партии.
Во двата случаја борбата на болшевизмот против скршнувањата „влево“ во неговата сопствена партија зеде особено големи размери: во 1908 година, по прашањето за учествувањето во крајно реакционерниот „парламент“ и во легалните работнички друштва, окружени од најреакционерни против закони, и во 1918 година (Брестскиот мир), по прашањето за тоа дали да се допушти овој или оној „компромис.“
Во 1908 година „левите“ болшевици беа исклучени од нашата партија поради тоа што никако не сакаа да ја сфатат потребата за учествување во крајно реакционерниот „парламент“. „Левите“ — меѓу кои имаше многумина одлични револуционери, кои подоцна со чест беа (и понатаму се) членови на комунистичката партија — се опираа особено врз успешниот опит со бојкотот во 1905 година. Кога царот во август 1906 година го објави свикувањето на советодавниот „парламент“ болшевиците објавија бојкот — наспроти сите опозициони партии и наспроти меншевиците — и октомвриската револуција од 1905 година навистина го збриша. Тогаш бојкотот беше правилен не затоа што не-учествувањето во реакционерни парламенти е воопшто правилно, туку затоа што точно беше земена предвид објективната ситуација што водеше кон брзото претворање на масовните штрајкови во политички, а потоа во револуционерен штрајк и потоа во востание. При тоа борбата тогаш се водеше околу тоа дали свикувањето на првото претставничко тело да се остави во рацете на царот или да се направи обид тоа свикување да се истргне од рацете на старата власт. До колку немаше и не можеше да има увереност во постоењето на една аналогна објективна ситуација, како и во еден еднаков правец и темпо на неговиот развиток, до толку бојкотот престануваше да биде правилен.
Болшевичкиот бојкот на „парламентот“ во 1905 година го обогати револуционерниот пролетаријат со извонредно драгоцен политички опит, покажувајќи дека со комбинирањето на легалните и илегалните, парламентарните и вонпарламентарните форми на борба, понекогаш е корисно, дури и задолжително да умееме да се откажеме од парламентарните. Но слепото, подражавачкото, некиритичкото пренесување на овој опит врз други услови, во друга ситуација, е најголема погрешка. Погрешка, макар и мала, лесно поправлива,[1] беше веќе бојктот на „Думата“ од страна на болшевиците во 1906 година. Грешка многу сериозна и тешко поправлива, беше бојкотот во 1907, 1908 и следните години, кога, од една страна, не можеше да се очекува мошне брзо надигање на револуционерниот бран и неговото преминување во востание, и кога, од друга страна, потребата за комбинирање на легалната и илегалната работа произлегуваше од целата историска ситуација на реформирањето на буржоаската монархија. Сега, кога гледаш назад на наполно завршениот историски период, чијашто врска со попослежните периоди е веќе наполно раскриена — станува особено јасно дека болшевиците не ќе можеа да го додржат (да не зборуваме — да го зацврстат, да го развијат, да го засилат) цврстото јадро на револуционерната партија на пролетаријатот во 1908—1914 година, ако тие не ја одбранеа во најсурова борба задолжителноста на соединувањето на илегалните форми на борба со легалните форми, со задолжителното учество во крајно реакционерниот парламент и во ред други од реакционерните закони окружени установи (осигурителни каси итн.).
Во 1918 година работата не дојде до расцеп. „Левите“ комунисти образуваа тогаш само одделна група или „фракција“ во нашата партија и при тоа не за долго. Во истата 1918 година највидните претставници на „левиот комунизам“, на пример, другарите Радек и Бухарин, отворено ја признаа својата грешка. Ним им се чинеше дека Брестскиот мир беше за партијата на револуционерниот пролетаријат принципиелно недопуштен и штетен компромис со империјалистите. Тоа навистина беше компромис со империјалистите, но токму таков и во таква ситуација што беше задолжителен.
Кога денес слушам напади против нашата тактика при потпишувањето на Брестскиот мир, на пример, од страна на „социјалистите-револуционери“, или кога ја слушам забелешката од другарот Ленсбери што тој ја има направено во разговор со мене: „Нашите англиски водачи на тредјунионите велат дека компромиси се допуштаат и за нив кога биле допуштени за болшевизмот“, јас обично одговарам пред сѐ со една проста и „популарна“ споредба:
Претставете си дека вашиот автомобил го запреле вооружени бандити. Вие им ги давате парите, легитимацијата, револверот, автомобилот. Се ослободувате од пријатното соседство со бандитите. Компромисот е, несомнено, на лице. „Do ut des“ (ти, „давам“ пари, оружје, автомобил „за да ми дадеш“ можност да си отидам жив и здрав). Но тешко е да се најде човек со здрав разум којшто таков компромис би го прогласил за „принципиелно недопуштен“ или лицето што направило таков компромис би го прогласил за соучесник на бандитите (иако бандитите, седнувајќи во автомобилот, можеле да го искористат и него и оружјето за нови разбојништва). Нашиот компромис со бандитите на германскиот империјализм прилегаше на таков компромис.
А кога меншевиците и есерите во Русија, шајдемановните (и во значителна мера кауцкијанците) во Германија, Ото Бауер и Фридрих Адлер (да не зборуваме за г.г. Ренеровци и комп.) во Австрија, Ренодели и Лонге и комп. во Франција, фабијанците, „независите“ и „лабуристите“ во Англија правеа „независи“ и во 1918—1920 година компромиси со бандитите на својата сопствена, а понекогаш и на „сојузничката“ буржоазија, против револуционерниот пролетаријат на својата земја — тогаш сите тие господа постапуваа како соучесници на бандитизмот.
Изводот е јасен: да се негираат компромисите „принципиелно“, да се негира секоја допуштеност на компромиси воопшто, какви и да се тие, е детињштина којашто е тешко дури и да се зема сериозно. Политичар што сака да му биде полезен на револуционерниот пролетаријат треба да умее да ги оддели конкретните случаи, токму на такви компромиси коишто се недопуштат, во кои се изразува опортунизам и предавство, и да ја насочи сета сила на критиката, сета острица на беспоштедното разобличување и непомирливата војна против тие конкретни компромиси, не дозволувајќи им на многупотитните „практични“ социјалисти и парламентарни језуити да се извлекуваат и бегаат од одговорност со помошта на резонирања за „компромисите воопшто“. Господата англиски „водачи“ на тредјунионите, како и на фабијанското друштво и „Независната“ работничка партија токму така се извлекуваат од одговорност за предавство што го извршија, за такиот компромис што го направија, којшто навистина значи најлош опортунизам, изневера и предавство.
Има компромиси и компромиси. Треба да умееме да ја анализираме ситуацијата и конкретните услови на секој компромис или на секој вид компромис. Треба да се учиме да го разликуваме човекот што им дал на бандитите пари и оружје за да го смали злото што го прават бандитите, и да го олесни фаќањето и стрелањето на бандитите, од човека што им дава на бандитите пари и оружје за да учествува во делбата на бандитскиот плен. Во политиката тоа ни оддалеку не е секогаш така лесно како во детски простиот пример. Но оној што би сакал да измисли за работничите таков рецепт што би давал однапред готови решенија за сите случаи во животот, или којшто би ветувал дека во политиката на револуционерниот пролетаријат нема да има никакви тешкотии и никакви заплеткани ситуации, тој би бил просто шарлатан.
За да не оставам место за погрешни толкувања, ќе се обидам да набележам, иако сосема накратко, неколку основни поставки за анализа на конкретните компромиси.
Партијата што направи компромис со германските империјалисти, а кој се состоеше во потпишувањето на Брестскиот мир, го изградуваше својот интернационализам на дело од крајот на 1914 година. Таа не се плашеше да го објави поразот на царската монархија и да ја жигосува „одбраната на таковината“ во војната меѓу двата империјалистички грабливци. Пратениците на таа партија во парламентот отидоа во Сибир наместо по врвицата што води кон министерските фотелји во буржоаската влада. Револуцијата, којашто го собори царизмот и создаде демократска република, даде нова и голема проверка на таа партија: таа не се согласи на никакви спогодби со „своите“ империјалисти, туку го подготви нивното соборување и ги собори. Заземајќи ја политичката власт, таа партија не остави ни камен на камен ниту од помешчичката, ниту од капиталистичката сопственост. Објавувајќи ги и раскинувајќи ги тајните договори на империјалистите, таа партија им предложи мир на сите народи и се потчини на насилието од брестските грабливци дури кога англо-француските империјалисти го осуетија мирот, а болшевиците го сторија сето човечки можно за да се забрза револуцијата во Германија и во други земји. Полната правилност на такиот компромис што го направи таквата партија, во таква ситуација, секој ден станува појасна и поочивидна за секојо.
Меншевиците и есерите во Русија (како и сите водачи на Втората интернационала во целиот свет во 1914—1920 година) започнаа со предавство, оправдувајќи ја директно или индиректно „одбраната на татковината“, т.е. одбраната на својата грабачка буржоазија. Тие го продолжија предавството стапувајќи во коалиција со буржоазијата на својата земја и борејќи се заедно со својата буржоазија против револуционерниот пролетаријат во својата земја. Нивниот блок отпрвин со Керенски и кадетите, потоа со Колчак и Деникин во Русија, како и блокот на нивните странски едномисленици со буржоазијата на нивните земји, беше премин на страната на буржоазијата против пролетаријатот. Нивниот компромис со бандитите на империјализмот се состоеше од почетокот до крај во тоа што тие стануваа соучесници на империјалистичкиот бандитизам.
Белешки
[1] На политиката и партиите може да се примени — со соодветни измени — она што важи и за одделните луѓе. Умен не е оној што не прави грешки. Такви луѓе нема и не може да има. Умен е оној што прави не многу суштествени грешки и што умее лесно и брзо да ги поправа. ↑