Германските комунисти, за кои сега ќе зборуваме, се нарекуваат себеси не „леви“, туку — ако не грешам — „принципиелна опозиција“. Но дека тие ги покажуваат сите симптоми на „детската болест левичарство“, тоа ќе се види од понатамошното излагање.
Една брошурка што стои на гледиштето на таа опозиција „Расцеп на комунистичката партија на Германија (сојузот на спартаковците)“, издадена од „месната група во Франкфурт на Мајна“, ја излага вонредно релјефно, прецизно, јасно, кратко суштината на погледите на таа опозиција. Неколку цитати ќе бидат доволни за да се запознаат читателите со таа суштина.
„Комунистичката партија е партија на најрешителната класа на борба...“
„...Политички тоа преодно време“ (помеѓу капитализмот и социјализмот) „е период на пролетерската диктатура...“
„...Се поставува прашањето: кој мора да биде, носител на диктатурата: Комунистичката партија или пролетерската класа?... Треба ли принципиелно да се стремиме кон диктатурата на комунистичката партија или кон диктатурата на пролетерската класа?!“...
(Курзивот насекаде во цитатот е земен од оригиналот.)
Понатаму: „Цека“ на Комунистичката партија на Германија се обвинува од страна на авторот на брошурата за тоа дека тој „Цека“ бара патишта за коалиција со Независната социјалдемократска партија на Германија, дека „прашањето за принципиелното признавање на сите политички средства“ на борбата, вклучувајќи го и парламентаризмот, е поставено од тој „Цека“ само за прикривање на неговите вистински и главни стремежи кон коалиција со независите. И брошурата продолжува:
„Опозицијата избра друг пат. Таа го поддржува мислењето дека прашањето за господството на комунистичката партија и за диктатурата на партијата е само прашање на тактиката. Во секој случај, господството на комунистичката партија е последната форма на секое господство на партијата. Принципиелно треба да се стремиме кон диктатурата на пролетерската класа. И сите мерки на партијата, нејзината организација, нејзината форма на борба, нејзината стратегија и тактика треба да бидат приспособени кон тоа. Сообразно со тоа мора со сета решителност да се отфрли секој компромис со другите партии, секое враќање кон историски и политички оживеаните форми на парламентарната борба, секоја политика на лавирање и пактирање“. „Специфично пролетерските методи на револуционерната борба треба да бидат силно потцртани. А за опфаќањето на најшироките пролетерски кругови и слоеви, што во револуционерна борба мораат да истапуваат под раководството на комунистичката партија, треба да бидат создадени нови организациони форми на најширока основа и со најшироки рамки. Тоа собиралиште на сите револуционерни елементи е работничкиот сојуз, изграден врз основата на фабричките организации. Во него мораат да се здружат сите работници коишто ја прифатија паролата: надвор од струковните сојузи! Тука се формира борбениот пролетаријат во најшироки бојни редови. Признавањето на класната борба, советскиот систем и диктатура е доволно за пристапување. Сето понатамошно политичко воспитување на борбените маси и политичката ориентација во борбата е задача на комунистичката партија којашто стои надвор од работничкиот сојуз...“
„...Две комунистички партии стојат сега, според тоа, една против друга:“
„Едната е партијата на водачите, којашто се стреми да ја организира револуционерната борба и да ја насочува одозгора, којашто е за компромиси и парламентаризам, за да создава такви ситуации што би ѝ дозволиле да стапи во една коалициона влада во чии раце би се наоѓала диктатурата.“
„Другата е масовната партија, којашто очекува полет на револуционерната борба одоздола, којашто познава и применува за таа борба еден единствен метод кој води јасно до целта отфрлајќи секакви парламентарни и опортунистички методи. Тој единствен метод е методот на безрезервно соборување на буржоазијата, за да се установи по тоа пролетерската класна диктатура за остварувањето на социјализмот...“
„...Таму диктатура на водачите — овде диктатура на масите! Тоа е нашата парола“.
Такви се најсуштествените поставки што ги карактеризираат погледите на опозицијата во германската Комунистичка партија.
Секој болшевик којшто свесно го поминал или го гледал одблизу развитокот на болшевизмот од 1903 година наваму, штом ќе ги прочита овие резонирања, ќе рече веднаш: „Ама стари, дамна познати партали! Ама „лева“ детинштина!“
Туку да се вгледаме поодблизу во приведените резонирања.
Уште самото поставување на прашањето: „диктатура на партијата или диктатура на класата? диктатура (партија) на водачите или диктатура (партија) на масите?“ — сведочи за најневеројатната и безизлезна мешаница на мислата. Луѓето се трудат да измислат нешто сосем особено и во својата усрдност да мудруваат, стануваа смешни. Секој знае дека масите се делат на класи; — дека маси и класи може да се противставуваат само така огромното мнозинство воопшто, нерасчленено по положбата во општествениот систем на производството, да им се противставува на категориите што заземаат особена положба во општествениот систем на производството; дека класите ги раководат обично и во повеќето случаи, барем во модерните цивилизирани земји, политички партии; — дека политичките партии ги управуваат, по општото правило, повеќе или помалку стабилни групи од најавторитетни, највлијателни, најопитни, на најодговорни должности избрани лица коишто се викаат водачи.
Сето тоа е азбука. Сето тоа е просто и јасно. Зошто наместо тоа беше потребен некаков галиматијас, некаков нов волапик?[1] Од една страна, очевидно, луѓето се заплеткале паѓајќи во тешка ситуација, кога брзото сменување на легалната и илегалната положба на партијата го нарушува обичниот, нормалниот, простиот однос меѓу водачите, партиите и класите. Во Германија, како и во другите европски земји, премногу навикнале на легалност, на слободно и правилно избирање на „водачи“ од страна на редовни конгреси на партиите, на комотно проверување на класниот состав на партиите преку избори за парламентот, преку митинзи, печат, расположенија и струковните и други сојузи и сл. Кога од тоа на кое навикнале мораше, поради бурниот тек на револуцијата и развитокот на граѓанската војна, да се преминува брзо кон сменување на легалноста и илегалноста, кон нивно комбинирање кон „неудобните“, „недемократски“ начини на подбор или образување или чување на „групите од водачи“, луѓето се збунија и започнаа да измислуваат неверојатни глупости. Веројатно и холандските трибунисти коишто ја имале несреќата да се родат во една мала земја, со традиции и услови на една особено привилегирана и особено стабилна легална положба, луѓе коишто никако не виделе сменување на легална и илегална положба, самите се заплеткаа и се збунија и спомогнаа за тие апсурдни измислици.
Од друга страна, се забележува една просто необмислена, нелогична употреба на „помодните“ во наше време, зборчиња за „маса“ и „водачи“. Луѓето многу слушале и убаво ги запаметиле нападите против „водачите“ во кои овие им биле противставувани на „масата“, но не можеле да размислат кое за што се однесува и не умееле да си ја изјаснат работата.
Разликувањата помеѓу „водачите“ и „масите“ особено јасно и остро се пројави на крајот на империјалистичката војна и по неа, во сите земји. Основната причина на таа појава Маркс и Енгелс не еднаш ја разјаснуваа во 1852—1892 година на примерот на Англија. Монополната положба на Англија изделуваше од „масата“ една полумалограѓанска, опортунистичка „работничка аристократија“. Водачите на таа работничка аристократија постојано преминуваа на страната на буржоазијата и беа — директно или индиректно — издржувани од неа. Маркс ја спечали омразата од таа џган, омраза што му служи на чест, поради тоа што отворено ги жигосуваше како предавници. Најновиот (на XX век) империјализам создаде монополно-привилегирана положба за неколку развиени земји и врз таа база насекаде во Втората интернационала се оцрта типот на водачи — предавници, опортунисти, социјалшовинисти, коишто ги бранат интересите на својот еснаф, на својот тесен слој работничка аристократија.
Се создаде откинатост на опортунистичките партии од „масите“, т.е. од најшироките слоеви на трудбениците, од нивното мнозинство, од најлошо плаќаните работници. Победата на револуционерниот пролетаријат е невозможна без борба против тоа зло, без разобличувањето, жигосувањето и истерувањето на опортунистичките, социјал-предавничките водачи; таква политика и поведе Третата интернационала.
Да се стигне по тој повод до противставување во општо диктатурата на масите на диктатурата на водачите е смешен апсурд и глупост. Особено е шеговито што, фактички, наместо старите водачи, коишто се придржуваат кон општочовечки погледи на простите работи, фактички се издигаат (затскривајќи се зад паролата: „долу водачите“) нови водачи, коишто зборуваат неверојатни будалаштини и бесмислици. Такви се во Германија Лауфенберг, Волфхајм, Хорнер, Карл Шредер, Фридрих Вендел, Карл Ерлер[2]. Обидите од последниов да го „продлабочи“ прашањето и да ја прогласи воопшто непотребноста и „буржоазноста“ на политичките партии се веќе такви Херкулови столбови.
Најконфузните глави меѓу романските синдикалисти и анархисти можат да добијат „сатисфакција“: солидни Германци коишто очивидно се сметаат себеси за марксисти (К. Ерлер и К. Хорнер со своите статии во споменатиот весник особено солидно докажуваат дека се сметаат себеси за солидни марксисти и особено смешно зборуваат неверојатни бесмислици, покажувајќи дека не ја разбираат азбуката на марксизмот), доаѓаат до сосема невозможни работи. Голото признавање на марксизмот уште не ослободува од грешки. Русите го знаат тоа особено добро, зашто кај нас марксизмот особено често беше „мода“ на бесмисленоста, што ти останува само да кренеш раце. Тоа е навистина пример како од една мала грешка секогаш може да се направи чудовишно голема, ако се инсистира на грешката, ако таа се доведува докрај.
Негирањето на партијноста и партиската дисциплина — ете до што дојде опозицијата. А тоа е исто што и полното разоружување на пролетаријатот во полза на буржоазијата. Тоа е исто што и токму онаа ситнобуржоаска распокинатост, непостојаност, неспособност за владеење со себе, за обединување, за здружена акција, којашто (неспособност) неминовно ќе го погуби секое пролетерско револуционерно движење, ако му се попушта. Да се негира партијноста од гледиштето на комунизмот значи да се прави скок од предвеченината на крахот на капитализмот (во Германија) не кон најниската, не и кон средната, туку кон највисоката фаза на комунизмот. Ние во Русија ги преживуваме (трета година по соборувањето на буржоазијата) првите чекори на преминот од капитализмот кон социјализмот или кон најнискиот стадиум на комунизмот. Класите станаа и ќе останат уште со години насекаде по освојувањето на власта од страна на пролетаријатот. Можеби само во Англија, каде што нема селани (но сепак има ситни поседници!) овој срок ќе биде помал. Да се уништат класите — тоа значи не само да се протераат спахиите и капиталистите — тоа ние го сторивме релативно лесно, — тоа значи исто така да се уништат ситните стоковни производители, а нив не можеме да ги протераме, нив не можеме да ги задушиме, со нив треба да се соживееме, нив можеме (и мораме) да ги преобразиме, да ги превоспитаме само со многу долга, бавна, претпазлива организаторска работа. Тие го опкружуваат пролетаријатот од сите страни со ситнобуржоаска стихија, го проникнуваат со неа, го расипуваат со неа, постојано предизвикуваат во пролетаријатот рецидиви на ситнобуржоаската бескарактерност, раздробеност, индивидуализам, премин од занес во потиштеност. За да му противставиме на тоа, за да ја спроведуваме организаторската улога на пролетаријатот (а тоа е неговата главна улога) правилно, успешно, победоносно, потребна е најстрога централизација и дисциплина во комунистичката партија на пролетаријатот. Диктатурата на пролетаријатот е упорна борба, крвава и без крв, насилна и мирна, воена и стопанска, педагошка и административна, против силите и традициите на старото општество. Силата на навикот на милионите и десетиците милиони е најстрашна сила. Без партија, железна закалена во борбата, без партија што ја ужива довербата на сето чесно во дадена класа, без партија што умее да го следи расположението на масата и да влијае врз него — невозможно е да се води успешно таква борба. Да се победи крупната централизирана буржоазија илјада пати е полесно одошто да се „победи“ милионите и милиони ситни поседници, а тие со својата секидневна, делнична, невидлива, недоловлива, раззорна дејност ги остваруваат токму оние резултати што ѝ се потребни на буржоазијата, кои ја реставрираат буржоазијата. Којшто ја ослабува макар и малку железната дисциплина на партијата на пролетаријатот (особено во време на неговата диктатура), тој фактички ѝ помага на буржоазијата против пролетаријатот.
Заедно со прашањето за водачите — партијата и класата — масата треба да се постави прашањето за „реакционерните“ синдикати. Но првин ќе си дозволиме уште неколку завршни забелешки врз основа на опитот на нашата партија. Напади против „диктатурата на водачите“ во нашата партија имаше секогаш. Ќе спомнам за први такви напади во 1895 година, кога формално уште немаше партија, но централната г во Питер[4] почна да се оформува и мораше да го зема врз себе раководењето на реонските групи. На IX конгрес на нашата партија (април 1920 г.) имаше мала опозиција којашто исто така зборуваше против „диктатурата на водачите“, „олигархијата“ итн. Затоа нема ништо чудно, ништо ново, ништо страшно во „детската болест“ „лев комунизам“ кај Германците. Оваа болест поминува безопасно, и по неа после организмот станува дури и поздрав. Од друга страна, брзото сменување на легалната работа, сврзано со потребата особено многу да се „крие“, особено многу да се држи во конспирација токму главниот штаб, токму водачите, доведуваше кај нас понекогаш до извонредно опасни појави. Најлошото беше тоа што во 1912 година во ЦК на болшевиците влезе еден провокатор, Малиновски. Тој провали десетници и десетници најдобри и најпредани другари, праќајки ги на робија и забрзувајќи ја смртта на многумина од нив. Ако тој не направи уште поголема штета, тоа иде оттаму што кај нас беше правилно поставен односот меѓу легалната и илегалната работа. За да ја заслужи нашата доверба, Малиновски мораше, како член на Цека на партијата и пратеник во Думата, да ни помага да организираме легални дневни весници коишто и под царизмот умееја да водат борба против опортунизмот на меншевиците, да ги пропагираат принципите на болшевизмот во соодветно прикриена форма. Испраќајки со едната рака на робија и во смрт десетници и десетници најдобри активисти на болшевизмот, Малиновски со другата рака мораше да го помага воспитувањето на десетници и десетници илјади нови болшевици преку легалниот печат. Над овој факт би требало добро да размислат оние германски (а и англиски и американски, француски и италијански) другари што стојат пред задачата: да се научат како се врши револуционерната работа во реакционерните синдикати[5].
Во многу земји, вклучувајќи ги овде и најнапредните, буржоазијата несомнено испраќа сега и кај нас провокатори во комунистичките партии. Единственото средство за борба против таа опасност е вештото комбинирање на илегалната и легалната работа.
Белешки
[1] Волапик — меѓународен јазик што му претходеше на есперанто, но е напуштен; овде е зборот употребен во преносно и пејоративно значење (вештачки „скрпен“ јазик). — Ред. ↑
[2] „Комунистички работнички весник“[3] (Хамбуршки, од 7. II. 1920, бр. 32: статијата на Карл Ерлер „Распуштањето на партијата“); „Работничката класа не може да ја разруше буржоаската држава без да ја уништи буржоаската демократија, и таа не може да ја уништи буржоаската демократија без да ги разурне партиите“. ↑
[3] „Kommunistische Arbeiterzeitung“ — Ред. ↑
[4] Денешен Ленинград. — Ред. ↑
[5] Малиновски беше пленник во Германија. Штом се врати во Русија во времето на власта на болшевиците, тој беше од нас предаден на суд и стрелан од нашите работници. Меншевиците особено злобно нè напаѓаа за нашата грешка којашто се состоеше во тоа дека во Цека на нашата партија имало провокатор. Но кога ние, во времето на власта на Керенски, баравме да се уапси претседателот на Думата Родзјанко и да се предаде на суд, бидејќи Родзјанко узнал уште пред војната за провокаторството на Малиновски и не им го соопштил тоа на трудовиците на Думата и на работниците, тогаш ни меншевиците ни есерите, коишто учествуваа во владата заедно со Керенски, не го поткрепија нашето барање, и Родзјанко остана на слобода и слободно отиде кај Деникин. ↑