Германските „леви“ сметаат дека безусловно негативниот одговор на ова прашање за нив е решена работата. Според нивното мислење декламациите и празните извици против „реакционерните“ и „контрареволуционерните“ синдикати се доволни (особено „социјалдемократските“), и особено глупаво тоа излегува кај К. Хорнер), за да се „докаже“ непотребноста, дури и недопуштеноста револуционерите, за комунистите, да работат во реакционите, социјал-шовинистичките, спогодбеничките, национовските, контрареволуционерните синдикати.
Но колку и да се уверени германските „леви“ во револуционерноста на таквата тактика, таа е всушност откорен погрешна и не содржи во себе ништо освен празни фрази.
За да го појаснам ова, ќе почнам од нашиот опит — согласно со општиот план на статијата којашто има за цел да го примени врз Западна Европа она што е општоприменливо, општоважечко, општозадолжително во историјата и во сегашната тактика на болшевизмот.
Односот меѓу водачите — партијата — класата — масите, а наедно со тоа односот на диктатурата на пролетаријатот и на неговата партија спрема синдикатите се појавува кај нас сега конкретно во следниов вид. Диктатурата ја остварува пролетаријатот, организиран во совети што ги раководи комунистичката партија на болшевиците, којашто според податоците од последниот партиски конгрес (април 1920) има 611 илјади членови. Бројот на членовите се колебаше и пред Октомвриската револуција и по неа многу силно, и порано, дури и во 1918 и 1919 година, беше значително помал. Ние се плашиме од претерано проширување на партијата, бидејќи кон владејачката партија неминовно се стремат да се присламчат разни кариеристи и безделници коишто го заслужуваат само тоа да бидат стрелани. Последен пат ние широко ги отворивме вратите на партијата — само за работници и селани — во оние дни (зимата 1919 година), кога Јуденич беше на неколку врсти од Питер (Петроград), Деникин во Орел (околу 350 врсти од Москва), т.е. кога советската република беше застрашена од очајна, смртна опасност и кога авантуристите, кариеристите, безделниците и воопшто непостојаните луѓе никако не можеа да се надеваат на поволна кариера (а поскоро можеа да очекуваат бесилка и мачења) од присоединувањето кон комунистите. Партијата, којашто одржува годишни конгреси (последниот: 1 делегат на 1.000 членови) ја раководи избраниот на конгрес Централен комитет од 19-мина; при тоа текуштата работа во Москва ја водат уште потесни колегиуми, и тоа така нареченото „Оргбиро“ (Организационо биро) и „Политбиро“ (Политичко биро), коишто се избираат на пленарните состаноци на Цека во состав од пет члена на Цека во секое биро. Излегува, според тоа, највистинска „олигархија“. Ниедно важно политичко или организационо прашање не се решава од ниедна државна установа во нашата република без директивите од Цека на партијата.
Партијата во својата работа непосредно се опира врз синдикатите коишто сега бројат, според податоците од последниот (април 1920) конгрес, повеќе од четири милиони членови и кои се формално вонпартиски. Фактички сите раководни органи на огромното мнозинство сојузи и на прво место, се разбира, општосиндикалниот серуски центар или биро (ВЦСПС — Серуски централен синдикален совет) се состојат од комунисти и спроведуваат сите директиви на партијата. Се добива, општо земено, формално некомунистички, еластичен апарат, релативно широк, мошне моќен, пролетерски апарат преку кој партијата е тесно сврзана со класата и со масата и преку кој, под раководството на партијата, се остварува диктатурата на класата. Ние, се разбира, не би можеле не само во тек на две години, туку ни во два месеца да ја управуваме земјата и да ја остваруваме диктатурата без најтесна врска со синдикатите, без нивната најактивна поддршка, без нивната најсамопрегорна работа не само во стопанската, туку и во воената изградба. Се разбира, таа најтесна врска на практиката означува многу сложена и разновидна работа, навремена и агитациона работа, навремена и чести советувања не само со раководните, туку и воопшто со влијателните синдикални функционери, решителна борба против меншевиците, коишто до денеска имаат извесен, макар и сосема мал, број приврзаници, што ги учат на севозможни контрареволуционерни махинации, почнувајќи од идејната одбрана на(буржоаската) демократијата, од пропагирањето на „независноста“ на синдикатите (независност — од пролетерската државна власт!) до саботирањето на пролетерската дисциплина итн. итн.
Врските со „масите“ преку синдикатите ние ја сметаме за недоволна. Практиката ја создаде кај нас, во текот на револуцијата, и ние се стараме наполно да ја поддржуваме, развиваме, прошириме таквата институција како што се вонпартиските работнички и селански конференции, за да го следиме расположението на масите, да се зближиме со нив, да одговараме на нивните прашања, да ги издигаме најдобрите работници од нив на државни должности итн. Во еден од последните декрети за преобразувањето на Народниот комесаријат за државна контрола во „Работничко-селанска инспекција“ на таквите вонпартиски конференции им е дадено правото да избираат членови на Државната контрола за разните видови ревизии итн.
Потоа, се разбира, сета работа на партијата оди преку советите, коишто ги обединуваат работните маси без разлика на струката. Околиските конгреси на советите се таква демократска институција каква што уште немаат видено ни најдобрите од демократските републики на буржоаскиот свет и преку тие конгреси (што партијата настојува да ги следи колку што е можно повнимателно), како и преку постојани упатувања на свесни работници на разни должности на село, се остварува раководната улога на пролетаријатот во однос на селанството, се остварува диктатурата на градскиот пролетаријат, систематската борба против богатото, буржоаското, експлоататорското и спекулантското селанство итн.
Таков е општиот механизам на пролетерската државна власт гледан „одозгора“, од гледиштето на практиката на остварувањето на диктатурата. Читателот ќе сфати, можеме да се надеваме, зошто на рускиот болшевик којшто е запознат со тој механизам и гледаше како израснување тој механизам од малите, илегални, тајни кружоци во текот на 25 години, сите тие разговори за „одозгора“ или „одоздола“, за диктатура на водачите или диктатура на масата и сл., мораат да му изгледаат како смешно детинско дрдорење, нешто како препирка околу тоа: што е пополезно за човека — левата нога или десната нога.
Исто така смешно детинско дрдорење мораат да ни изгледаат и важните, сосем учени и ужасно револуционерни разговори на германските леви, дека комунистите не можеле и не требало да работат во реакционерните синдикати, дека било дозволено да се откажуваме од таа работа, дека требало да се излегува од синдикатите и да се создава задолжително сосем нов, сосем чист, од мошне симпатични (и по поголемиот дел, веројатно, мошне млади) комунисти измислен „работнички сојуз“ итн. итн.
Капитализмот неизбежно му ги остава на социјализмот во наследство, од една страна, старите, од векови создадени струковни и занаетчиски разлики меѓу работниците, а од друга страна, синдикатите, коишто само мошне бавно, со години и години, можат да се развиваат и ќе се развиваат во пошироки, помалку еснафски, индустриски сојузи (што опфаќаат цели индустрии, а не само одделни еснафи, занаети и струки) и по тоа, преку тие индустриски сојузи, да се преминува кон уништувањето на поделбата на трудот меѓу луѓето, кон воспитувањето, обучувањето и подготвувањето на сестрано развиени и сестрано подготвени луѓе коишто умеат сè да прават. Накај тоа оди комунизмот, мора да оди и ќе дојде, но само по долга низа години. Да се обидуваме денеска практично да го антиципираме тој иден резултат на наполно развиениот, наполно стабилизиран и формен, наполно разгранет и зрел комунизам — тоа е исто што и да учиме едно четиригодишно дете на виша математика.
Ние можеме (и мораме) да започнеме да го градиме социјализмот не од фантастичен и не социјално од нас создаден човечки материјал, туку од оној што ни го остави во наследство капитализмот. Тоа е мошне „тешко“, збор да нема, но секое друго приоѓање кон задачата е толку несериозно, што и не вреди да зборуваме за него.
Синдикатите беа гигантски прогрес на работничката класа во почетокот на развитокот на капитализмот, како преод од распокинатоста и беспомошноста на работниците кон зачетоците на класно организирање. Кога започна да израснува највисоката форма на класно организирање на пролетаријатот, револуционерната партија на пролетаријатот (којашто не го заслужува своето име додека не се научи да ги сврзува водачите со класата и со масите во една целина, во нешто нераскинливо), тогаш синдикатите неминовно започнаа да пројавуваат извесни реакционерни црти, извесна еснафска ограниченост, извесна склоност кон аполитицизам, извесна неподвижност итн. Но никаде во светот развитокот на пролетаријатот не одел и не можел да оди поинаку освен преку синдикатите, преку нивното заемно дејство со партијата на работничката класа. Освојувањето на политичката власт од страна на пролетаријатот е гигантски чекор напред на пролетаријатот како класа, и партијата мора уште повеќе и на нов начин, а не само на стариот, да ги воспитува синдикатите, да ги раководи нив, но не заборавајќи, меѓутоа, дека тие си остануваат и долго време ќе останат неопходна „школа на комунизмот“ и подготвителна школа во која пролетерите учат да ја остваруваат својата диктатура, неопходна организација на работничката класа за постепеното преминување на управувањето со целото стопанство на земјата во рацете на работничката класа (а не на одделните струки), и по тоа на сите трудбеници.
Извесна „реакционерност“ на синдикатите е, во посочената смисла, неизбежна за времето на диктатурата на пролетаријатот. Неразбирањето на ова значи полно неразбирање на основните услови на преминот од капитализмот кон социјализам. Да се плашиме од таа „реакционерност“, да се обидуваме да поминеме без неа, да ја прескокнеме неа — е најголема глупост, зашто тоа значи да се плашиме од онаа улога на пролетерската авангарда што се состои во обучување, просветување, воспитување и вовлекување во нов живот на најзаостанатите слоеви и маси на работничката класа и селанството. Од друга страна, да се одлага остварувањето на диктатурата на пролетаријатот до она време кога нема да остане ниеден професионално ограничен работник, ниеден работник кај кого нема да има еснафски и предјунионистички предрасуди, би било уште подлабока грешка. Вештината на политичарот (и правилното сфаќање на своите задачи од страна на комунистот) и се состои во тоа да ги определи точно условите и моментот кога авангардата на пролетаријатот може успешно да ја освои власта, кога ќе може при тоа да добие доволна поткрепа од доволно широки слоеви на работничката класа и на непролетерските работни маси, кога ќе може по тоа да го поддржува, закрепнува, проширува своето господство, воспитувајќи, обучувајќи, привлекувајќи сè пошироки и пошироки маси на трудбениците.
Понатаму. Во земјите што се поразвиени од Русија извесна реакционерност на синдикатите се пројави, и мораше да се пројави, несомнено, каде-каде посилно одошто кај нас. Кај нас меншевиците имаа (а делум и сега имаат со сосем мал број синдикати) опора во синдикатите токму благодарејќи на еснафската ограниченост, струковиот егоизам и опортунизмот. На Запад тамошните меншевици каде-каде поцврсто „заседнале“ во синдикатите, таму се изделил еден многу посилен слој на професионалистичка, тесна, саможива, закоравена, користољубива, малограѓанска, империјалистички настроена и од империјализмот поткупена, од империјализмот расипана „работничка аристократија“ одошто кај нас. Тоа е бесспорно. Борбата против Гомперсовци, против господата Жуовци, Хендерсоновци, Мерхајмовци, Легиновци и комп. во Западна Европа е каде-каде потешка одошто борбата против нашите меншевици, коишто претставуваат совршено еднороден социјален и политички тип. Оваа борба треба да се води бесспоштедно и да се доведе безусловно, како што ја доведовме ние до полното дискредитирање и истерување на сите непоправливи водачи на опортунизмот и на социјализмот од синдикатите. Не може да се извојува политичката власт (и не треба да се прави обид да се освојува политичката власт) додека таа борба не се доведе до извесна степен, при што во разните земји и во различни услови таа „извесна степен“ не е еднаква, и неа можат правилно да ја определат само задлабочените, опитни и верзирани политички раководители на пролетаријатот во секоја одделна земја. (Кај нас мерило за успехот на таа борба беа, меѓу другото, изборите за Уставотворното собрание во ноември 1917 година, неколку дена по пролетерскиот преврат од 25. X. 1917, при што на тие избори меншевиците беа тотално разбиени добивајќи 0,7 милиони гласови — 1,4 милиони ако се додаде Закавказјето — наспрема 9 милиони гласови собрани од болшевиците; в. ја мојата статија „Изборите за Уставотворното собрание и диктатурата на пролетаријатот“ во број 7—8 на „Комунистичка интернационала“.)
Но борбата против „работничката аристократија“ ние ја водиме од името на работничката маса и заради привлекување на таа маса на наша страна; борбата против опортунистичките и социјал-шовинистичките водачи ние ја водиме заради привлекувањето на работничката класа на своја страна. Да се заборава оваа најелементарна и најочевидна вистина би било глупост. А токму таква глупост прават „левите“ германски комунисти коишто од реакционерноста и контрареволуционерноста на врвовите во синдикатите вадат заклучок дека... требало да се излезе од синдикатите!! Дека требало да се отфрли работата во нив!! дека требало да се создадат нови, измислени форми на работничка организација!! Тоа е таква непремостима глупост којашто е исто што и најголема услуга што можат комунистите да ѝ ја укажат на буржоазијата. Зашто нашите меншевици, како и сите опортунистички, социјалистички, кауцкијански водачи на синдикатите, не се ништо друго освен „агенти на буржоазијата во работничкото движење“ (како што ние секогаш сме говореле против меншевиците) или „работнички помагачи на капиталистичката класа“ (labor lieute-nants of the capitalistclass) според убавиот и длабоко точени израз на следбениците на Даниел де Леоне во Америка. Да не се работи во реакционерните синдикати — тоа значи недоволно развиените или заостанатите работнички маси да се остават под влијанието на реакционерните водачи, агентите на буржоазијата, работничките аристократи или „побуржоазените работници“ (сп. Енгелс во 1852 година, во писмото до Маркс за англиските работници).
Токму апсурдната „теорија“ за неучествувањето на комунистите во реакционерните синдикати покажува особено нагледно колку тие „леви“ комунисти лекомислено се однесуваат кон прашањето за влијанието врз „масите“, како злоупотребуваат со своите извици за „масата“. За да умееме да ѝ помогнеме на „масата“ и да ги придобиеме симпатиите, сочувството, поддршката на „масата“, не треба да се плашиме од тешкотиите да се плашиме од шиканирањата, спрепките, навредите, гонењата од страна на „водачите“ (коишто, како опортунисти и социјал-шовинисти, во повеќето случаи директно или индиректно се сврзани со буржоазијата и со полицијата) и треба задолжително да работиме таму каде што е масата. Треба да умееме да поднесуваме секакви жртви, да ги надвиваме најголемите пречки, за да пропагираме и агитираме систематски, упорно, истрајно, трпеливо токму во оние установи, друштва, сојузи, па биле тие и најреакционерни, каде што само има пролетерска или полупролетерска маса. А синдикатите и работничките кооперативи (овие последниве барем понекогаш) се токму такви организации во кои е масата. Во Англија, според податоците на шведскиот весник „Folkets Dagblad Politiken“ (од 10. III. 1920), бројот на членовите на тредјунионите од крајот на 1917 година до крајот на 1918 се покачи од 5,5 милиони до 6,6 милиони, т.е. се зголеми со 19 %. Кон крајот на 1919 година набројуваат до 7,5 милиони. Јас ги немам при рака соодветните податоци за Франција и Германија, но совршено бесспорни и општопознати се фактите што сведочат за големиот пораст на бројот на членовите на синдикатите во тие земји.
Овие факти појасно од сè го кажуваат она што се потврдува и од илјади други укажувања: пораст на свесноста и на стремежот кон организација токму во пролетерските маси, во „низините“, меѓу заостанатите. Милиони работници во Англија, Франција, Германија за прв пат преминуваат од полна неорганизираност кон елементарната, најниска, најпроста, најдостапна (за оние што се уште докрај проникнати со буржоаскодемократски предрасуди) форма на организација, имено кон синдикатите — а револуционерните но неразумни, леви комунисти стојат отстрана, врескаат „маса“, „маса!“ — и одбиваат да работат во синдикатите!! одбиваат изговарајќи се дека биле „реакционерни“!! измислуваат нов, чист, слободен од буржоаскодемократски предрасуди, незгрешен со еснафски и тесно-професионалистички гревови, „работнички сојуз“, којшто божем ќе бил (допрва ќе бил!) широк за учествувањето во кој се бара само (само!) „признавањето на советскиот систем и диктатурата“ (види го цитатот горе)!!
Поголема неразумност, поголема штета на револуцијата од онаа што ѝ ја нанесуваат „левите“ револуционери, не можеме ни да си претставиме! Та ако ние во Русија сега, потем две и пол години невидени победи над буржоазијата на Русија и на Антантата, не поставевме како услов за стапување во синдикатите „признавањето на диктатурата“, ние би направиле глупост, би го расипале своето влијание врз масите, би сме им помогнале на меншевиците. Зашто сета задача на комунистите е да умеат да ги убедат заостанатите, да умеат да работат меѓу нив, а не да се изолираат од нив со измислени детински — „леви“ пароли.
Нема сомнение дека господата Гомперсовци, Хендерсоновци, Жуовци, Легиновци им се мошне благодарни на таквите „леви“ револуционери коишто, слично на германската „принципиелна“ опозиција (чувај не боже од таква „принципиелност!“) или на некои револуционери меѓу американските „Индустриски работници на светот“, проповедаат излегување од реакционерните синдикати и одбивање да се работи во нив. Нема сомнение дека господата „водачи“ на опортунизмот ќе прибегнат до севозможни махинации на буржоаската дипломатија, до помошта на буржоаските влади, поповите, полицијата, судовите, за да не ги допуштаат комунистите во синдикатите, да ги истиснат од нив на секој начин оттаму, да ја направат нивната работа во синдикатите колку се може понепријатна, да ги навредуваат, да ги насаскуваат против нив, да ги гонат. Ние треба да умееме да му се противставиме на сето тоа, да бидиме готови на секакви жртви, дури — во случај на потреба — и да бидеме готови да прибегнеме кон севозможни маневри, итроштини, илегални методи, премолчувања, криење на вистината, само и само да проникнеме во синдикатите, да останеме во нив, да вршиме во нив по секоја цена комунистичка работа. Под царизмот пред 1905 година ние немавме никакви „легални можности“, но кога Зубатов, тајниот агент, организираше црностотнички работнички собири и работнички друштва заради фаќање на револуционерите и заради борба против нив, ние испраќавме на тие собири и во тие друштва членови на нашата партија (јас лично го паметам меѓу нив другарот Бабушкин, виден петроградски работник, стрелан од царските генерали во 1906 година), коишто воспоставуваа врска со масата, се извештија да ја водат својата агитација и ги истргнуваа работниците од влијанието на зубатовците.[1] Се разбира, во Западна Европа, посебно проникната со особено закоренети легалистички, уставни, буржоаскодемократски предрасуди, таква работа е потешко да се изврши. Но таа може и мора да се изврши и да се извршува систематски.
Извршниот комитет на III интернационала мора, по мое лично мислење, отворено да ја осуди и на следниот конгрес на Комунистичката интернационала да му предложи да ја осуди како воопшто политиката на неучествување во реакционерните синдикати (со подробно мотивирање на неразумноста на таквото неучествување и неговата крајна штетност за делото на пролетерската револуција) така и посебно линијата на поведението на некои членови на холандската комунистичка партија коишто — сеедно дали директно или индиректно, отворено или прикриено, наполно или делум — ја поддржува таа неправилна политика. Третата интернационала мора да прекине со тактиката на Втората и да не ги заобиколува болните прашања, да не ги замачкува, туку да ги поставува отворено и остро. Целата вистина ние им ја рековме в лице на „независните“ (на Независната социјалдемократска партија на Германија), целата вистина треба да им ја кажеме в лице и на „левите“ комунисти.
Белешки
[1] Гомперсовци, Хендерсоновци, Жуовци, Легиновци не се ништо друго освен Зубатовци коишто од нашиот Зубатов се разликуваат по својата европска облека, по измазнетоста, по цивилизирано, истенчено, демократски дотераните манири за спроведување на својата подла политика. ↑