В. И. Ленин
„Левичарството“ детска болест во комунизмот


VII
ДАЛИ ДА СЕ УЧЕСТВУВА ВО БУРЖОАСКИТЕ ПАРЛАМЕНТИ

Германските „леви“ комунисти со најголемо пренебрегнување — и со најголема лекомисленост — одговараат негативно на ова прашање. Нивните аргументи? Во гореприведениот цитат ние видовме:

„...со сета решителност да се отфрли секое враќање кон историски и политички одживеаните форми на борбата на парламентаризмот...“

Ова е речено до смешност претенциозно и очигледно е неточно. „Враќање кон парламентаризмот!“ Можеби, во Германија веќе постои советска република? Не изгледа дека постои! Па како може тогаш да се зборува за „враќање“? Зарем тоа не е празна фраза? Парламентаризмот е „историски одживеан“. Тоа е точно во смисла на пропаганда. Но секој знае дека од тоа до практичното преодолувањето е уште мошне далеку. Капитализмот можеше уште пред многу децении, и со полно право, да биде прогласен за „историски одживеан“, но тоа никако не ја отстранува потребата од мошне долга и мошне упорна борба на почвата на капитализмот. Парламентаризмот е „историски одживеан во светско-историска смисла, т.е. епохата на буржоаскиот парламентаризам е завршена, епохата на диктатурата на пролетаријатот започна. Тоа е бесспорно. Но светскоисториското мерило смета со децении. Двесет години порано или подоцна — тоа е од гледиштето на светскоисториското мерило безразлично, тоа е — од гледиштето на светската историја — ситница којашто дури ни приближно не може да се земе предвид. Но токму поради тоа повикување на светскоисториското мерило во прашањето за практичната политика е највопијушта теоретска погрешка.

Парламентаризмот е „политички одживеан“? Тоа е веќе друга работа. Ако тоа беше точно, позицијата на „левите“ ќе беше цврста. Но тоа треба да се докаже со мошне сериозна анализа, а „левите“ не умеат дури ни да се доближат до неа. Во „тезите за парламентаризмот“, напечатени во бр. 1 на „Билтенот на Привременото амстердамско биро на Комунистичката интернационала („Bulletin of the Provisional Bureau in Amsterdam of the Communist International“, February 1920), коишто јасно го изразуваат холандско-левиот и лево-холандскиот правец, анализата е исто така, како што ќе видиме, крајно лоша.

Прво. Германските „леви“, како што се знае, уште во јануари 1919 година го сметаа парламентаризмот за „политички одживеан“, наспроти мислењето на таквите видни политички раководители како што се Роза Луксембург и Карл Либкнехт. Познато е дека „левите“ згрешија. Веќе самото тоа ја руши веднаш и од корен поставката дека парламентаризмот бил „политички одживеан“. На „левите“ лежи обврската да докажат зошто нивната тогашна бесспорна грешка сега престанала да биде грешка. Ниту ронка од докази тие не приведуваат нити можат да приведат. Односот на политичката партија кон нејзините грешки е еден од најважните и најточни критериуми за сериозноста на партијата и за тоа како таа на дело ги исполнува своите обврски кон својата класа и кон работните маси. Отворено да се признае грешката, да се раскријат нејзините причини, да се проанализира ситуацијата што ја има породено, да се продискутираат внимателно средствата за поправање на грешката — ете тоа е признак на сериозна партија, ете тоа е нејзино исполнување на своите обврски, ете тоа е воспитување и обучување на класата, а потоа и на масата. Не исполнувајќи ја таа своја должност, не однесувајќи се со извонредно внимание, грижливост и претпазливост кон изучувањето на својата очигледна грешка, „левите“ во Германија (и во Холандија) токму со тоа докажуваат дека не се партија на класата туку кружок, не се партија на масите туку група интелектуалци и мал број работници што ги повторуваат најлошите страни на интелектуалштината.

Второ. Во истата брошура на франкфуртската група на „левите“, од која горе приведевме подробни цитати, читаме:

„... милиони работници што уште ја следат политиката на центарот“ (католичката партија на „центарот“) „се контрареволуционери. Селските пролетери даваат легиони контрареволуционерни војски“ (стр. 3 од горе споменатата брошура).

По сè изгледа дека е тоа речено претерано и преувеличено. Но основниот факт, изложен овде, е бесспорено, и неговото признавање од „левите“ особено нагледно сведочи за нивната голема грешка. Така како може да се зборува дека парламентаризмот бил „одживеан политички“ кога „милиони“ и „легиони“ пролетери уште се залагаат не само за парламентаризмот воопшто туку се и директно „контрареволуционерни“?! Очигледно е дека парламентаризмот во Германија уште не е оджи веан политички. Очигледно е дека „левите“ во Германија ја зеле својата желба, својот идејно-политички став за објективна стварност. Тоа е најопасната грешка за револуционерите. Во Русија, каде што варварскиот и свиреп гнет на царизмот особено долго време и во особено разнообразни форми раѓаше револуционери од разни правци, револуционери со чудесна преданост, ентузијазам, хероизам, сила на волјата, во Русија таа грешка на револуционерите, особено отблиску сме ја гледале, особено внимателно сме ја проучувале, особено добро ја познаваме и затоа ни е особено видлива и кај другите. За комунистите во Германија парламентаризмот е, се разбира, „одживеан политички“, но работата е токму во тоа да не го земаме одживеаното за нас како одживеано за класата, како одживеано за масите. Токму тука пак гледаме дека „левите“ не умеат да резонираат, не умеат да се држат како партија на класата како партија на масите. Вие сте должни да не се спуштате до нивото на масите, до нивото на заостанатите слоеви на класата. Тоа е бесспорно. Вие сте должни да им ја кажувате горчливата вистина. Вие сте должни нивните буржоаскодемократски и парламентарни предрасуди да ги нарекувате предрасуди. Но наедно со тоа вие сте должни трезвено да ја следите стварната состојба на свесноста и подготвеноста токму на целата класа (а не само на нејзината комунистичка авангарда), токму на целата работна маса (а не само на нејзините најнапредни луѓе).

Ако не баш „милиони“ и „легиони“, туку ако напросто и едно доста значително малцинство на индустриски работници оди по католичките попови, — на земјоделски работници по спахиите и кулаците (Grossbauern), — тогаш оттука веќе несомнено произлегува дека парламентаризмот во Германија уште не е одживеан политички, дека учествувањето во парламентарните избори и во борбата на парламентарната трибуна е задолжително за партијата на револуционерниот пролетаријат токму заради воспитувањето на заостанатите слоеви на својата класа, токму заради пробудување и просветување на неразвиената, заостаната, неука селска маса. Додека немате сили да го растерате буржоаскиот парламент и секаквите реакционерни установи од подруг тип, вие сте должни да работите во нив, токму затоа што таму уште има работници заблудени од поповите и од селската затантеност, инаку ризикувате да станете просто дрдорковци.

Трето. „Левите“ комунисти зборуваат за нас, болшевиците, премногу убави работи. Понегогаш ти се сака да кажеш: помалку фалете нè, повеќе вникнувајте во тактиката на болшевиците, повеќе запознавајте се со неа! Ние учествуваме во изборите за рускиот буржоаски парламент, за Уставотворното собрание во септември-ноември 1917 година. Дали беше правилна нашата тактика или не беше? Ако не беше, треба тоа јасно да се каже и да се докаже: тоа е нужно за да се изгради правилна тактика од страна на меѓународниот комунизам. Ако беше, треба оттука да се направат извесни изводи. Се разбира, за изедначувањето на условите на Русија и условите на Западна Европа и збор не може да има. Но специјално по прашањето за тоа што значи поимот: „парламентаризмот е политички одживеан“, задолжително е точно да се земе предвид нашиот опит, зашто без да се земе предвид конкретниот опит, ваквите поими се претвораат премногу лесно во празни фрази. Немавме ли ние, руските болшевици, во септември-ноември 1917 година повеќе од кои и да било западни комунисти, право да сметаме дека во Русија е парламентаризмот политички одживеан? Се разбира, имавме, зашто работата, се знае, не е во тоа дали одамна или од неодамна постојат буржоаските парламенти, туку во тоа до колку се широките работни маси готови (идејно, политички практично) да го усвојат советскиот систем и да го растераат (или да го допуштат растерувањето) на буржоаскодемократскиот парламент. Дека во Русија во септември-ноември 1917 година работничката класа од градовите, војниците и селаните беа, поради ред специјални услови, одлично подготвени за усвојувањето на советскиот систем и за растерувањето и на најдемократскиот буржоаски парламент, тоа е совршено бесспорен и наполно утврден историски факт. И сепак болшевиците не го бојкотираа Уставотворното собрание, туку учествуваа во изборите и пред и потем заземањето на политичката власт од страна на пролетаријатот. Дека тие избори дадоа извонредно драгоцени (и за пролетаријатот извонредно полезни) политички резултати, тоа јас, смеам да се надевам, го докажав во напред споменатата статија, којашто подробно ги анализираше податоците за изборите за Уставотворното собрание во Русија.

Заклучокот одовде е совршено бесспорен: докажано е дека дури и неколку недели пред победата на советската република, дури и по таквата победа, учествувањето во буржоаскодемократскиот парламент не само што не му штети на револуционерниот пролетаријат, туку и му ја олеснува можноста да им докаже на заостанатите маси зошто таквите парламенти заслужуваат да бидат растерани, го олеснува успехот на нивното растерување, го олеснува „политичкото одживување“ на буржоаскиот парламентаризам. Да не се смета со тој опит и да се претендира во истото време на припадност кон Комунистичката интернационала, којашто мора интернационално да ја изградува својата тактика (не како тесна и еднострано национална туку токму како интернационална тактика), значи да се прави најдлабока грешка и токму да се отстапува од интернационализмот на дело признавајќи го на зборови.

Да погледнеме сега на „холандско-левите“ аргументи во полза на неучаствувањето во парламентите. Еве го преводот (од англиски) на најважната од горе споменатите „холандски“ тези, тезата 1:

„Кога капиталистичкиот систем на производство е скршен и општеството се наоѓа во состојба на револуција, парламентарната дејност постепено губи значење во споредба со акциите на самите маси. Кога, во такви услови, парламентот станува центар и орган на контрареволуцијата, а од друга страна работничката класа ги гради орудијата на својата власт во вид на совети, — може дури и да биде неопходно откажувањето од секакво учество во парламентарната дејност“.

Првата фаза е очигледно неточна, зашто акцијата на масите — на пр., еден голем штрајк — е поважна од парламентарната дејност секогаш, а никако само во време на револуција или во револуционерна ситуација. Овој очигледно неодржлив, историски и политички неточен, аргумент само особено нагледно покажува дека авторите апсолутно не го земаат предвид ниту општоевропскиот (францускиот пред револуцијата од 1848, 1870 година; германскиот од 1878—1890 година итн.), ниту рускиот (види горе) опит за важноста на соединувањето на легалната и илегалната борба. Тоа прашање има огромно значење како воопшто така и посебно зашто во сите цивилизирани и развиени земји брзо се приближува времето кога таквото соединување станува сè повеќе и повеќе — делум стана веќе — задолжително за партијата на револуционерниот пролетаријат, поради нараснувањето и приближувањето на граѓанската војна на пролетаријатот против буржоазијата, поради бесните гонења на комунистите од страна на републиканските и воопшто од страна на буржоаските влади, коишто ја нарушуваат на секаков начин легалноста (земете го само примерот на Америка) итн. Ова мошне важно прашање Холандците, и воопшто левите апсолутно не го разбраа.

Втората реченица е, прво, историски неточна. Ние, болшевиците, учествувавме во најконтрареволуционерните парламенти, и опитот покажа дека таквото учествување беше не само полезно, туку и неопходно за партијата на револуционерниот пролетаријат токму по првата буржоаска револуција во Русија (1905), заради подготвувањето на втората буржоаска (февруари 1917) и по тоа на социјалистичката (октомври 1917) револуција. Второ, таа реченица е поразно нелогична. Од тоа дека парламентот станува орган и „центар“ (фактички, „центар“ тој никогаш не бил и не може да биде, но ова патем кажано) на контрареволуцијата, а работниците создаваат орудија на својата власт во вид на совети, од тоа произлегува дека работниците треба да се подготвуваат — да се подготвуваат идејно, политички, технички — за борба на советите против парламентот, за растерување на парламентот од страна на советите. Но од тоа никако не произлегува дека таквото растерување се отежнува или дека не се олеснува од присуството на советската опозиција во контрареволуционерниот парламент. Ние не сме забележиле ниеднаш во времето на својата победоносна борба против Деникин и Колчак дека постоењето на советската, пролетерската опозиција кај нив би било безразлично за нашите победи. Ние многу убаво знаеме дека растерувањето на Уставотворното собрание од нас на 5 јануари 1918 година не беше отежнато туку олеснето со тоа што во контрареволуционерното Уставотворно собрание, коешто требаше да биде растерано, постоеше и доследна, болшевичка, и недоследна, левоесеровска, советска опозиција. Авторите на тезата наполно се заплеткале и го заборавиле опитот од цел ред, ако не и на сите, револуции, што сведочи за тоа колку е во време на револуции особено полезно соединувањето на масовната акција надвор од реакционерниот парламент со опозицијата во тој парламент којашто има симпатии кон револуцијата (а уште подобро: што директно ја поддржува револуцијата). Холандците и воопшто „левите“ овде резонираат како доктринери на револуцијата коишто никогаш не учествувале во вистинска револуција или не се замислувале над историјата на револуциите или наивно го земаат субјективното „негирање“ на извесна реакционерна институција за нејзино стварно разрушување од заедничките сили на цел ред објективни фактори. Најсигурното средство да се дискредитира една нова политичка (и не само политичка) идеја и да й се нанесе штета се состои во тоа, во името на нејзината одбрана, таа да се доведе до апсурд. Зашто секоја вистина, ако ја направиме „прекумерна“ (како што велеше Дицген — таткото), ако ја преувеличиме, ако ја прошириме надвор од границите на нејзината стварна применливост, може да се доведе до апсурд, и таа дури и неизбежно, под посочените услови, се претвора во апсурд. Токму таква мечкина услуга й укажуваат холандските и германските леви на новата вистина за превосходството на советската власт над буржоаскодемократските парламенти. Се разбира, ако некој би започнал да зборува на стариот начин и воопшто дека одбивањето да се учествува во буржоаските парламенти под никакви услови не може да се допусти, тој не би бил прав. Јас не можам да се обидам овде да ги формулирам условите под кои бојкотот е полезен, зашто задачата на оваа статија е мошне поскромна: да се земе предвид рускиот опит во врска со некои актуелни прашања на интернационалната комунистичка тактика. Рускиот опит ни даде една среќна и правилна (1905), друга погрешна (1906) примена на бојкотот од страна на болшевиците. Анализирајќи го првиот случај, ние гледаме: ни тргна од рака да не го допустиме свикувањето на реакционерниот парламент од страна на реакционерната власт во една ситуација кога со исклучителна брзина нараснуваше вонпарламентарната (посебно штрајкувачката) револуционерна акција на масите кога ниеден слој од пролетаријатот и селанството не можеше да й укажува никаква поддршка на реакционерната власт, кога револуционерниот пролетаријат си осигуруваше со штрајкувачката борба и аграрното движење влијание врз широките, заостанатите маси. Сосем е очевидно дека врз современиве европски услови овој опит е неприменлив. Сосем е очевидно исто така — врз основа на горе изложените аргументи — дека одбраната, макар и условна, на одрекувањето од учество во парламентите од страна на Холандците и „левите“ е откорен неправилна и штетна за делото на револуционерниот пролетаријат.

Во Западна Европа и Америка парламентот им стана особено омразен на најсвесните револуционери од работничката класа. Тоа е бесспорно. Тоа е наполно разбирливо, зашто е тешко да си претставиш нешто погнасно, поподло, попредавничко од поведението на огромното мнозинство социјалистички и социјадемократски пратеници во парламентот во времето на војната и по неа. Но би било не само неразумно, но директно престапно да се подаваме на тоа настроение при решавањето на прашањето како треба да се бориме против општопризнатото зло. Во многу земји на Западна Европа револуционерното настроение е сега, може да се рече, „новост“ или „реткост“, којашто ја чекаа премногу долго, залудно, Нетрпеливо и можеби затоа така лесно се подаваат на настроението. Се разбира, без револуционерно настроение во масите, без услови што го спомагаат порастот на таквото настроение, револуционерната тактика не може да се претвори во акција, но ние во Русија се убедивме во таа вистина од предолгиот, тежок, крвав опит, а имено дека револуционерната тактика не може да се гради само врз револуционерното настроение. Тактиката мора да биде изградена врз трезвено, строго-објективно земање предвид сите класни сили на дадена држава (и на државите што ја опкружуваат, и на сите држави, во светски размери), а исто така и врз земањето предвид опитот на револуционерните движења. Да се пројави својата „револуционерност“, само со пцуење на адреса на парламентарниот опортунизам, само со одрекување од учество во парламентите е мошне лесно, но токму зашто е мошне лесно, тоа не е решение на тешката и мошне тешка задача. Да се создаде навистина револуционерна парламентарна фракција во европските парламенти — мошне е потешко одошто во Русија. Разбирливо е. Но тоа е само посебен израз на општата вистина, дека на Русија во конкретната, историски вонредно оригинална ситуација во 1917 година й беше лесно да ја почне социјалистичката револуција, додека да ја продолжува и да ја доведе докрај за Русија ќе биде потешко одошто за европските земји. Уште во почетокот на 1918 година јас морав да укажувам на таа околност, и двегодишниот опит по тоа наполно ја потврди правилноста на таквото мислење. Такви специфични услови како што се: 1) можноста да се соедини советскиот преврат со завршувањето, нему благодарејќи му, на империјалистичката војна, којашто неверојатно многу ги измачи работниците и селаните; 2) можноста да се искористува за извесно време борбата на живот и смрт меѓу двете светски моќни групи империјалистички грабачи коишто не можеа да се обединат против советскиот непријател; 3) можноста да се издржи релативно долга граѓанска војна, делум поради огромните размери на земјата и лошите комуникациони средства; 4) постоењето на такво длабоко буржоаскодемократско револуционерно движење во селанството што партијата на пролетаријатот ги зеде револуционерните барања од партијата на селаните (есерите, партија остро непријателски расположена, во своето мнозинство, спрема болшевизмот) и веднаш ги оствари благодарејќи на освојувањето на политичката власт од страна на пролетаријатот; — такви специфични услови во Западна Европа сега нема и повторувањето на таквите или слични услови не оди многу лесно. Ете зошто, меѓу другото — независно од ред други причини — на Западна Европа й е потешко да ја почне социјалистичката револуција одошто нам. Да се прави обид да се „заобиколи“ таа тешкотија, „прескокнувајќи“ преку тешката работа на исползувањето на реакционерните парламенти за револуционерни цели, е најчиста детиништина. Вие сакате да создадете ново општество, а се плашите од тешкотии при создавањето една добра парламентарна фракција од убедени, предани, херојски комунисти во реакционерниот парламент! Зарем тоа не е детиништина? Ако Карл Либкнехт во Германија и З. Хеглунд во Шведска умееја дури и без масовна поддршка одоздола да дадат обрасци на навистина револуционерно исползување на реакционерните парламенти, како тогаш една масовна револуционерна партија којашто така брзо расте, во ситуацијата на повоеното разочарување и огорченост на масите, да не е во состојба да си искове една комунистичка фракција во најлошите парламенти?! Токму затоа што заостанатите маси на работниците и — уште повеќе — на ситните селани во Западна Европа се проникнати со буржоаскодемократски и парламентарни предрасуди мошне посилно одошто во Русија, токму затоа само во таквите институции како што се буржоаските парламенти комунистите можат (и мораат) да водат долготрајна, упорна борба што не замира пред никакви тешкотии, за разобличување, разбивање, преодолување на тие предрасуди.

Германските „леви“ се жалат на лошите „водачи“ на нивната партија и паѓаат во очајание стигајќи до смешното „негирање“ на „водачите“. Но во условите кога често се налага „водачите“ да бидат криени во илегалност, изградувањето добри, сигурни, испитани, авторитетни „водачи“ е особено тешка работа, и успешното преодолување на тие тешкотии не е можно без комбинирањето на легалната и илегалната работа, без испитувањето на „водачите“, меѓу другото, и на парламентарната арена. Критиката — и тоа најустра, беспоштедна, немилосрдна критика — треба да се упатува не против парламентаризмот или парламентарната дејност, туку против оние водачи што не умеат — а уште повеќе против оние што не сакаат — да ги исползуваат парламентарните избори и парламентарната трибина на револуционерен начин, комунистички. Само таквата критика — комбинирана, се разбира, со истерувањето на неспособните водачи и со нивното заменување со способни — ќе биде полезна и плодна револуционерна работа којашто ќе ги воспитува едновремено и „водачите“ да бидат достојни за работничката класа и работните маси, — и масите да се научат правилно да се ориентираат во политичката ситуација и да ги сфаќаат често мошне сложените и заплеткани задачи што произлегуваат од таа ситуација.[1]



Белешки

[1] Јас имав мошне малку можност да се запознаам со „левиот“ комунизам во Италија. Несомнено, другарот Бордига и неговата фракција од „комунисти-бојкотисти“ (Communista astensionista) не се прави кога го бранат неучаствувањето во парламентот. Но во една точка тој е, ми се чини, прав — до колку може да се суди од двата броја на неговиот весник „Совет“ („Il Soviet“, бр. 3 и 4. 18. I и 1. II. 1920), од четирите книшки на прекрасното списание на другарот Серати: „Комунизам“ („Communismo“, бр. 1—4, 1. X. —30. XI. 1919) и одделни броеви од италијанските буржоаски весници со кои успеав да се запознам. Имено, другарот Бордига и неговата фракција се прави во нападите на Турати и неговите едномисленици коишто остануваат во партијата што ја призна советската власт и диктатурата на пролетаријатот, остануваат членови на парламентот и ја продолжуваат својата крајно штетна, стара, опортунистичка политика. Се разбира, трпејќи го тоа, другарот Серати и целата италијанска Социјалистичка партија првпат грешка којашто заплашува со истата длабока штета и опасност како во Унгарија, каде што унгарските господа Туратиевици ја саботираа однатре и партијата и советската власт. Таквиот погрешен, недоследен или бескарактерен однос спрема опортунистите-парламентарци пораѓа, од една страна, „лев“ комунизам, а од друга страна, до извесна степен го оправдува неговото постоење. Другарот Серати очигледно нема право обвинувајќи го за „недоследност“ пратеникот Турати („Communismo“, бр. 3), додека е недоследна токму италијанската Социјалистичка партија, трпејќи такви опортунистички-парламентарци како што се Турати и комп. ↑